16 август 2026
• од Темелко Тошев
Поранешната пратеничка и аналитичарка Никица Корубин упати остри критики кон прифаќањето на наративот според кој Српската православна црква (СПЦ) се поставува како „црква-мајка“ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). Според неа, ваквото толкување не само што е историска невистина, туку претставува и директно газење врз македонскиот идентитет.
Корубин својот став го аргументира преку анализа на историските документи, конкретно осврнувајќи се на Томосот од 1922 година. Таа потсетува дека овој документ од Вселенската патријаршија бил издаден на тогашното Кралство Србија, односно подоцнежното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците (СХС), како директен резултат на политичките и територијалните промени по Балканските војни (1912-1913) и Првата светска војна.
„Да го цитирам Томосот од дваесет и втората година. На кого ги дава? На Кралството Србија, значи Вселенскиот патријарх на Кралството Србија. Со оглед на тоа што таа после изминатите балкански војни и доскорашната Голема светска војна, е проширена, зголемена и подигната во едно големо и обединето Кралство СХС“, објаснува Корубин.
Таа додава дека според тогашниот документ, Вселенската патријаршија ги отстапила македонските епархии исклучиво поради новите државни граници.
„Во Томосот се вели дека по милост и благослов Божји, (Кралството) ги опфаќа во своите граници епархиите кои до скоро биле под канонска управа на Патријаршијата од Вселенскиот престол, и тоа митрополиите Скопска, Велешко-Дебарска, Пелагониска и Преспанско-Охридска“, цитира таа.
Според Корубин, токму врз база на овој политички чин од 1922 година, СПЦ денес ја гради тезата дека таа е „црква-мајка“, а дека Охридската архиепископија е нејзина „црква-ќерка“. Она што особено ја револтира е фактот што, според нејзините зборови, дел од македонскиот црковен врв премолчено или отворено го прифаќа ова тврдење.
„Нашите, за жал, великодостојници на Црквата на тоа велат ‘да’. Па тоа е таква бласфемија, историска, такво газење по сопствениот идентитет и таква историска невистина!“, децидна е Корубин.
Нејзината реакција е повик до јавноста и до црковните власти за поголема свест и одбрана на автентичното историско наследство на Охридската архиепископија, кое според неа, не смее да биде сведено на производ на политичките договори од почетокот на минатиот век.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

