14 август 2026
• од Гоце Кически
Политичката партија Левица реагира на скандалот со загадената вода во Гостивар, посочувајќи дека иако институциите дури двапати ја прогласиле за „безбедна“, стотици граѓани завршиле со симптоми на труење, а досега ниту едно лице не е разрешено.
Според информациите на партијата, Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Тетово, со потпис на Берун Мустафа, на 29 јуни издал стручно мислење дека водата во Гостивар „одговара на законските и стручните прописи“. Но, според подоцнежната обвинителска истрага, токму во тој период спорните пумпи веќе биле поставени и во водоснабдителниот систем веќе навлегувала загадена вода.
Ситуацијата кулминирала кога на 13 јули било дадено уште едно „зелено светло“ дека водата е целосно безбедна за пиење. Само еден ден подоцна, според Левица, започнал масовен прилив на пациенти кои се жалеле на дијареја, повраќање, покачена телесна температура и општа истоштеност.
Од опозициската партија остро обвинуваат дека здравствениот систем, кој требало да претставува последна брана пред ваква катастрофа, целосно потфрлил и дека никој од надлежните не понел одговорност.
„Наместо итни разрешувања, суспензии, дисциплински постапки и внатрешна ревизија до последниот лабораториски запис, се молчи. Никој јавно не објасни кој ја зел мострата, од која точка, во кој час, како била транспортирана, кои параметри биле испитани, кој ги верификувал резултатите и како таков печат завршил врз документ што на цел град му создал лажна сигурност“, стои во реакцијата на Левица.
Од партијата ја критикуваат и актуелната власт, нагласувајќи дека во секој нормален систем ваков скандал би предизвикал „институционален земјотрес“.
„Кај ДПМНЕ, очигледно, ниту два извештаи кои целосно ја промашиле реалноста за опасноста по јавното здравје не се доволен мотив некој конечно да стане од фотелјата и да понесе одговорност“, заклучуваат од Левица.
Бугарија освои четири медали на Меѓународната олимпијада по информатика во Ташкент
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

