05 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Довчерашниот вицепремиер задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, кој со месеци не стапна на владини седници, а редовно си ја земаше државната плата, се сели во дипломатијата. Тој ќе биде испратен во Брисел како специјален владин претставник, најави денеска копретседателот на коалицијата „Вреди“ и градоначалник на Чаир, Изет Меџити.
Оваа одлука доаѓа само неколку дена откако Фетаи поднесе оставка од вицепремиерската функција, која во јавноста беше протолкувана како изнуден чекор по низата скандали поврзани со неговото отсуство.
Фетаи повеќе од два месеци не се појавуваше на владините седници за кои е платен од џебот на граѓаните. Но, додека неговото столче во Владата зјаеше празно, тој беше прилично активен на социјалните мрежи, каде што во меѓувреме објавуваше слики од своите патувања во егзотичниот Тајланд.
Наместо одговорност или санкции за ваквото однесување, партискиот лидер Изет Меџити денеска потврди дека оставката всушност била само формалност за Фетаи да напредува во кариерата.
„Фетаи даде оставка за да биде назначен за специјален претставник во Брисел, односно да заземе нова функција“, изјави Меџити, одговарајќи на новинарски прашања.
Во својата официјална оставка испратена до премиерот, вицепремиерот за „добро владеење“ изрази благодарност за укажаната доверба, но понуди нејасно и штуро објаснување за своето повлекување. Тој наведе дека во сегашните околности „веќе не постојат неопходните услови за функцијата да ја извршува со потребната ефикасност“, без да прецизира дали под „околности“ го подразбира фактот што со месеци воопшто не се појавил на работното место.
И покрај жестоките критики во јавноста за класична злоупотреба на државната функција и буџетот, Фетаи порача дека заминува „со крената глава и чиста совест“.
Останува отворено прашањето со каков кредибилитет поранешниот вицепремиер за добро владеење ќе ги застапува македонските интереси пред европските институции во Брисел, откако во пракса покажа како изгледа неговото „добро владеење“ дома.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

