05 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Непријателската онлајн комуникација стана секојдневие во македонскиот дигитален простор. Дури 98 отсто од коментарите насочени кон политичарите на социјалните мрежи содржат елементи на омраза, а 82 отсто се исполнети со гнев. Сепак, граѓаните цврсто ги држат своите политички уверувања и не би ги смениле ниту за пари, покажува најновото истражување на Институтот за демократија.
Истражувањето посветено на „влијанието на емоциите во политиката“, спроведено во рамките на проектот „ENCODE“, се базира врз анализа на 120.000 објави и коментари на платформата „Икс“ (поранешен „Твитер“). Резултатите потврдуваат дека дигиталната политичка дебата во Македонија е длабоко поларизирана и емоционално наелектризирана, особено за време на изборни периоди кога драстично скокаат чувствата на ентузијазам, среќа или гнев.
Марија Димитровска, раководителка на проектот, во интервју за „Слободен печат“ појаснува дека иако омразата е доминантна, содржините кои предизвикуваат страв или анксиозност всушност генерираат поголем ангажман (engagement) кај политичарите, додека оние засновани на чиста омраза имаат нешто послаб ефект.
Еден од највпечатливите наоди во истражувањето е имунитетот на огромно мнозинство граѓани на финансиски поттик за промена на ставовите:
„Проблемот кај емоциите во политиката не е што ги има премногу, туку има премалку разновидност. Имено, омразата кај нас е константа, а не исклучок“, посочува Димитровска.
Според истражувањето, доминантна емоција кај македонските граѓани е гневот (27 проценти), по што следуваат анксиозноста со 20 проценти и надежта со 20 проценти дека работите ќе тргнат на подобро.
Само 7 до 8 проценти од испитаниците изјавиле дека се целосно индиферентни (рамнодушни) за политичките прашања. Сепак, токму оваа мала група го претставува најголемиот ризик за демократските процеси. Истражувањето покажало дека статистички, индиферентните граѓани биле значително повеќе подготвени да го продадат својот глас, да потпишат петиции или да учествуваат на протести за пари.
Проектот открива и интересна психолошка нијанса: она што го чувствуваме и она што го кажуваме не секогаш е исто. Инструментите за мерење на видливите емоционални реакции за време на тестовите покажале неусогласеност со вербалните изјави кои испитаниците ги дале подоцна. Ова упатува на заклучокот дека луѓето честопати накнадно ги рационализираат и ги преобликуваат своите првични, инстинктивни реакции.
Димитровска предупредува дека политичките елити вешто ги манипулираат емоциите преку поларизирачки наративи од типот „патриоти и предавници“, „наши и ваши“, „лојални и нелојални“. Но, ваквата стратегија на долг рок може да има негативен бомеранг-ефект врз самите политичари.
За зачувување на општеството, клучна е рамнотежата меѓу индивидуалната и институционалната отпорност:
Дополнителен, специфичен проблем за македонскиот контекст е дигиталната невидливост на македонскиот јазик. Истражувачите лоцирале структурен предизвик – македонскиот јазик не е соодветно препознаен во системите за јазично означување на платформата „Икс“. Поради ова, голем дел од политичкиот дискурс во земјава останува помалку видлив, како за истражувачите, така и за автоматизираните алатки за модерација и спречување на говорот на омраза.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

