04 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција упати остри критики кон политиките на власта и премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи ги за лажен патриотизам и свесно туркање на државата и граѓаните во повеќедецениска изолација.
Според Филипче, односот на ВМРО-ДПМНЕ кон евроинтегративниот процес претставува класично лицемерие во кое граѓаните се жртвуваат за сметка на привилегиите на функционерите.
Лидерот на опозицијата го истакна остриот контраст помеѓу реториката на власта наменета за јавноста и нивниот приватен живот. Тој потсети на наративите дека „Европа се распаѓа“ и дека „Швајцарија не е во ЕУ“, додека во реалноста, голем дел од луѓето на власт веќе имаат обезбедено европска иднина за себе.
„Додека пола Влада, пратеници и функционери на ВМРО имаат бугарски, односно европски пасоши во џебовите, сите други во државата и нивните деца сега треба според нив да чекаат со децении и, замислете, да јадат корења. Сите да јадат корења, а претставниците на власта со владиниот авион да одат на море. Дали е тоа патриотизам? Не, тоа е само едно големо лицемерие“, изјави Филипче.
Осврнувајќи се на кампањите против уставните измени, Филипче обвини дека нивната вистинска позадина нема никаква врска со националните интереси на државата. Тој посочи дека преку ботови и скапо платена пропаганда се манипулира народот.
Според него, целта е да се спречи внесувањето на малцинствата во Уставот и со тоа целосно да запре европскиот пат на Македонија.
На прес-конференцијата беше упатено и сериозно предупредување за пропуштањето на историската шанса која државата ја чека со децении. Филипче посочи дека доколку не се искористи сегашниот моментум, вратата на ЕУ ќе се затвори, а земјава ќе остане изолирана уште долго време.
Тој изрази особена загриженост од, како што рече, „чудното задоволство“ со кое Мицкоски изјавува дека државата нема да се помести ниту милиметар и дека е подготвен да чека со децении.
„Таа цена сите нас ќе нè чини прескапо. Затоа сме толку гласни и толку настојуваме на ова прашање. Суштината на политиката е да се обезбеди подобар живот на граѓаните во земјата и подобра и посигурна иднина на државата“, заклучи претседателот на СДСМ.
Црна Гора спречи обид за дестабилизација: Вратен авион со поддржувачи на Вучиќ
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

