16 август 2026
• од Темелко Тошев
Поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски открива интересни детали од времето на неговото владеење, осврнувајќи се на еден од најмистериозните процеси во поновата македонска историја – обидот да се отворат досиејата на тајните служби и злогласната УДБА.
Во своето најново сведоштво, Георгиевски зборува за соочувањето со затворените врати на системот, митовите за скриените архиви, како и за улогата на неговите тогашни најблиски соработници, Павле Трајанов и Доста Димовска.
Како тогашен премиер, Георгиевски имал намера да ја расветли вистината за минатото. За таа цел, тој директно се обратил до Павле Трајанов, барајќи од него да се започне процесот на отворање на досиејата. Но, одговорот што го добил бил разочарувачки.
„Го викам Павле Трајанов и велам: ’Павле, се зборува за досиеја, за УДБА, за оваа-она. Дајте да отвориме нешто.‘ Неговите зборови беа: ’Сè е уништено. Ништо нема‘“, открива Георгиевски.
Во тоа време, во јавноста кружеле приказни дека тајните полициски архиви не се уништени, туку се безбедно сокриени во резерватот „Јасен“. За да ги провери овие гласини, Георгиевски заедно со Трајанов заминал на терен.
„Се зборуваше дека на Јасен се кријат архивите. Еднаш со Павле Трајанов ме прошета до Јасен. Така практично некој лов организираше. Тоа беше прв и последен пат што сум бил на лов во животот. Ни бункери ми покажа, ни архиви. Една куќичка таму, една барака имаше“, раскажува поранешниот премиер.
Георгиевски во своето излагање се навраќа и на улогата на покојната Доста Димовска, која во тоа време важела за негова „десна рака“ и нераздвоен политички сопатник. Нејзиното барање да застане на чело на Министерството за внатрешни работи (МВР) му влеало надеж дека процесот конечно ќе се придвижи.
„Доста Димовска бара да биде министер за внатрешни работи, мојата десна рака дотогаш, просто неразделни во целата таа политика. Јас се израдував затоа што велам во неа ќе имам најголема доверба и нели таа ќе биде таа што ќе ги отвори архивите“, посочува Георгиевски.
И покрај неговата позиција на моќ, процесот останал блокиран. Денес, гледајќи наназад на тие настани, тој вели дека најголемиот товар го носи самиот.
„Пазете, јас сум премиер. Завршува тоа, ајде тоа и нема што да се лутам. Меѓутоа, најголемото лутење е на самиот себе и преземање на комплетната одговорност“, заклучува тој.
Овие сведоштва фрлаат нова светлина врз политичките околности на почетокот од транзицијата и на отпорот внатре во самите институции кон процесот на соочување со минатото и отворањето на полициските досиеја.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

