08 јули 2026
• од Темелко Тошев
Православната црква и нејзините верници денеска го чествуваат споменот на Преподобната маченичка Февронија, дваесетгодишната девица која својот живот го посвети на Бога и претрпе страшни маки заради својата непоколеблива христијанска вера.
Родена во угледно семејство како ќерка на римскиот сенатор Просфор, Февронија имала можност за удобен и богат живот во Римската Империја. Сепак, за да избегне брак со смртен човек, таа го избрала Христа за свој единствен вереник. Својот духовен пат го започнала заминувајќи на Исток, во земјата Асирска, каде што се замонашила.
Февронија престојувала во девствен манастир лоциран во близина на градот Сивапол, заедно со уште педесет испоснички. Иако имала само дваесет години, нејзината кротост, мудрост и воздржливост предизвикувале огромна почит како во манастирот, така и меѓу граѓаните.
Во овој манастир строго се почитувало правилото на поранешната игуменија, блажената Платонида: секој петок бил посветен исклучиво на молитва и читање на светите книги. Тој ден сестрите не извршувале никаква друга работа. Според одлуката на тогашната игуменија Вриена, токму младата и мудра Февронија била задолжена да им ги чита светите списи на останатите сестри.
Во тоа време, Лисимах, син на еден големец, имал силна желба да се ожени со Февронија. Меѓутоа, императорот Диоклецијан, кој се сомневал дека Лисимах е потаен христијанин, го испратил на Исток заедно со неговиот суров чичко Селин, со наредба да заробуваат и убиваат христијани. За разлика од чичко му, Лисимах ги штедел и ги криел христијаните секогаш кога имал можност за тоа.
Откако направил пустош меѓу христијанското население во Палмира, Селин пристигнал во Сивапол. Откако слушнал за убавината и посветеноста на младата Февронија, веднаш наредил да му ја доведат.
Светата девица категорично одбила да се одрече од својата вера и да прифати брак. Разбеснет од нејзината цврстина, Селин наредил страшно да ја мачат. Нејзиното тело било брутално осакатено – била шибана, ѝ ги избиле забите, а потоа ѝ ги отсекле рацете, градите и нозете, за на крајот да ѝ ја отсечат главата.
Но, правдата брзо го стигнала нејзиниот џелат. Истиот ден, мачителот Селин го снашла ужасна казна: според преданијата, во него влегол демон и го обзел смртен ужас, по што тој удрил со главата во мермерен столб и паднал мртов.
По смртта на чичко му, Лисимах наредил телото на маченичката Февронија внимателно да се собере и да се врати во манастирот, каде што сестрите чесно ја погребале.
Света Февронија маченички пострадала во 310 година, преселувајќи се во вечното блаженство. Нејзините свети мошти подоцна, во 363 година, биле пренесени во Цариград, каде што продолжиле да бидат извор на утеха и чуда за верниците.
Невообичаен инцидент во Штип: Багер урна дел од куќа додека семејството спиело
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

