28 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Православната црква и верниците денеска го одбележуваат споменот на Светите маченици Вит, Модест и Крискентија. Приказната за овие светители е силно сведоштво за раната христијанска вера, исполнета со многубројни чуда, ангелски јавувања и непоколебливост пред суровите прогони.
Според христијанското предание, Свети Вит е роден во Сицилија, во семејство на славни, но неверни (пагански) родители. Важна улога во неговиот живот одиграле неговиот учител Модест и неговата дадилка Крискентија.
Вит ја примил христијанската вера мошне рано и уште на дванаесетгодишна возраст започнал голем духовен подвиг. Преданието вели дека му се јавувале ангели кои го раководеле и му давале сила, а и самиот тој зрачел со светлина и убавина како Божји ангел.
Неговата длабока вера била проследена со неверојатни чуда. Кога бил изведен пред суд поради својата вера, на судијата кој наредил да го тепаат му се исушила раката, но Свети Вит со искрена молитва му ја исцелил.
Чуда се случувале и во неговиот дом. Неговиот татко ослепел од силната светлина кога во собата на својот син здогледал дванаесет свети ангели, чии очи „беа како ѕвезди, а лицата како молњи“. Иако Вит со молитва му го вратил видот на својот татко, тој сепак останал заслепен од гневот и сакал да го убие сопствениот син.
Во моментите кога бил во животна опасност, на Вит му се јавил ангел кој заедно со Модест и Крискентија ги пренел во Луканија, на брегот на реката Силар. Таму, младиот светител продолжил да прави чуда, исцелувајќи ги болните и оние кои биле опседнати од демони.
Неговата слава стигнала и до Рим, па бил повикан од суровиот цар Диоклецијан. Свети Вит успеал да го избрка злиот дух од царскиот син, но наместо награда и благодарност, наишол на лути мачења. Царот наредил да го мачат бидејќи Вит одбил да им се поклони на паганските идоли.
И покрај страшните мачења, Господ го избавил младиот маченик и со Својата невидлива рака повторно го пренел во Луканија. Набрзо потоа, на тоа место, Свети Вит, заедно со своите верни сопатници Модест и Крискентија, се преставиле кај Господа, оставајќи зад себе вечен пример за посветеност на верата.
Занимливост: Денес, светите мошти на Свети Вит се чуваат во Прага, каде што продолжуваат да бидат место за поклонение на многубројни верници од целиот свет.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

