29 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Православната црква и верниците денеска го одбележуваат споменот на Свети Тихон, епископ Аматунтски, во народот попознат како Чудотворец поради големиот број чуда што ги направил уште за време на својот овоземен живот.
Свети Тихон бил исклучителна духовна личност чиј живот претставува пример за милосрдие, скромност и непоколеблива вера. Роден во семејство на пекар, тој уште од најрана возраст ја покажувал својата љубов кон Бога и кон луѓето.
Кога татко му го оставал да помага во дуќанот, младиот Тихон не го продавал лебот, туку им го раздавал на сиромасите. Еднаш, кога татко му строго го укорил поради таквата постапка, Тихон искрено Му се помолил на Бога. Чудото веднаш се случило – нивната семејна житница до толку се наполнила со жито, што едвај успеале да ја отворат вратата.
Меѓу народот и верниците е познато уште едно негово големо чудо: засадил суви прачки во лозјето, а по Божја благодат, од нив зазеленела здрава лоза која во свое време донела богат плод.
По смртта на блажениот Мемнониј, токму поради неговиот чист живот и огромната ревност за Православието, Тихон бил едногласно избран за епископ на Аматунтската епархија. Во овој висок чин го посветил славниот Епифаниј.
Историјата бележи дека во тоа време на островот Кипар сè уште имало многу незнабошци. Свети Тихон вложил огромен апостолски труд за да ги обрати неверните во верни. Во таа своја мисија имал извонреден успех, неуморно ширејќи ја светлината на христијанството низ целиот остров.
По долгите и макотрпни подвизи на лозјето Господово, Свети Тихон се преселил во блажената вечност околу 425 година, оставајќи зад себе богато духовно наследство. Неговиот живот останува вечен патоказ за љубовта кон ближниот и силата на молитвата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

