20 август 2026
• од Гоце Кически
Православните верници денеска го одбележуваат споменот на Преподобниот маченик Дометиј, светител чиј живот е пример за непоколеблива вера, строг подвиг и целосна посветеност на Бога.
Роден во Персија како незнабожец за време на владеењето на царот Константин, Дометиј уште како момче се запознал со христијанската вера. Неговото срце силно ја прифатило вистината, по што тој го оставил незнабоштвото и се крстил. Љубовта кон Христос била толку голема што решил да го напушти сиот световен живот и да се замонаши во еден манастир во близина на градот Нисивија.
По извесно време поминато со манастирското братство, Дометиј се повлекол на безмолвие (молитвено тихување) кај архимандритот Нурвел, духовник познат по својот строг подвиг за кого се велело дека шеесет години не вкусил ништо варено. Откако старецот Нурвел го ракоположил за ѓакон, имал намера да го произведе и во свештенички чин. Но, бегајќи од човечката слава и почести, Дометиј заминал во една пустинска гора и се населил во пештера.
Таму, преку строг пост, постојана молитва, бдение и богомислие, достигнал огромно духовно совршенство, поради што од Бога добил дар чудотворно да исцелува болни луѓе кои доаѓале кај него барајќи спас.
Неговиот живот маченички завршил во 363 година. Кога императорот Јулијан Отстапник, познат по прогонот на христијаните, стигнал во тие краишта и слушнал за Дометиј и неговото влијание меѓу народот, наредил сурова казна. Испратил луѓе кои го заѕидале жив во неговата пештера, заедно со неговите двајца верни ученици. Така, овој голем Божји угодник го завршил својот овоземен пат и се преселил во вечното Царство Божјо.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

