20 август 2026
• од Темелко Тошев
Скопје стана епицентар на заразата, а наместо преземање одговорност, градските власти се кријат зад календари за прскање против комарци, обвинуваат од СДСМ во најновата реакција упатена до градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Според партијата, Ѓорѓиевски нема реален одговор за ширењето на болеста, па затоа вината ја префрла кон опозицијата.
„Не ја прогласивме ние епидемијата во скопските општини и не ги однесовме ние граѓаните на Инфективната клиника. Тоа се случува во градот што тој го води“, истакнуваат од СДСМ.
Според податоците кои ги посочуваат, заклучно со 18 август регистрирани се 38 заболени лица, од кои дури 37 се од Скопскиот регион. Најтрагично е што болеста веќе однесе четири човечки животи – мажи на возраст од 62 до 83 години од Скопје. Од СДСМ прашуваат, доколку прскањето кое започнало на 7 мај било навистина успешно, зошто токму главниот град е главното жариште.
„Календарот не е доказ за резултат, туку е обично алиби. Ѓорѓиевски вели дека јавното здравје не се штити со прес-конференции. Точно. Но, не се штити ниту со читање список на датуми, додека комарците непречено си го завршуваат своето“, велат од СДСМ. Тие додаваат дека доколку навистина имало седум третмани против ларви и прскање од воздух и од земја, мерките очигледно биле или задоцнети, или преслаби, или пак вистинските жаришта биле целосно промашени и премолчени.
Партијата предупредува дека најзагрозени од ситуацијата се повозрасните граѓани и хронично болните, особено лицата над 65 години со дијабетес, висок крвен притисок, рак и ослабен имунитет, во која група спаѓаат и четирите досегашни жртви.
Од СДСМ порачуваат дека нема да молчат кога е во прашање јавното здравје и бараат конкретни одговори од надлежните:
„Политизирање е да се отвораат базени за пред камери, а потоа истите да се празнат поради комарци. Ѓорѓиевски нека одговори зошто во градот кој тој го води, вирусот најде таков простор за ширење, доколку сè е како што тврди!“, заклучуваат од партијата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

