19 август 2026
• од Темелко Тошев
Во Општина Аеродром се регистрирани случаи на граѓани заболени од западнонилска треска, но досега на територијата на општината не се утврдени конкретни жаришта на комарци. Ова денеска го потврди градоначалникот Дејан Митески, кој потенцираше дека надлежните служби активно работат на терен.
Според Митески, локалната самоуправа е во постојана координација и соработка со Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) и Град Скопје, со цел навремено преземање на сите неопходни мерки за заштита на граѓаните.
„Жаришта нема утврдено, меѓутоа има заболени на територијата на Општина Аеродром и претпоставувам дека се поради контакт во некоја од контактните зони. Аеродром не е изолирана општина во Скопје со физички граници, така што лесно може да се пренесе вирусот од една во друга општина“, изјави Митески.
За да се спречи понатамошно ширење, градоначалникот информираше дека во општината веќе е спроведено вонредно прскање против комарци, а сите идни активности ќе зависат исклучиво од стручните проценки на здравствените институции.
„Ги следиме нивните препораки, се изврши вонредно прскање против комарци, така што секој следен чекор ќе го правиме во строга координација и соработка со овие институции“, додаде тој.
Инаку, Аеродром е меѓу скопските општини кои се опфатени со засилените мерки и активности, откако на 12 август официјално беше прогласена епидемија на западнонилска треска. Надлежните апелираат до граѓаните да користат средства за лична заштита од инсекти и да избегнуваат задржување на отворено во периодите кога комарците се најактивни.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

