21 јули 2026
• од Темелко Тошев
Православната црква и нејзините верници денеска го прославуваат споменот на Светиот великомаченик Прокопиј, светител чиј живот претставува едно од највпечатливите сведоштва за силата на христијанската вера. Неговиот животен пат од истакнат римски војник до маченик кој со радост го примил мечот за Христа, претставува инспирација веќе со векови.
Свети Прокопиј е роден во Ерусалим. Неговиот татко бил христијанин, но по неговата рана смрт, мајка му, која била незнабошка, го воспитала синот целосно во духот на римското идолопоклонство. Во младоста го носел името Неаниј.
Кога Неаниј пораснал, бил забележан од царот Диоклецијан. Царот толку го засакал што го зел кај себе во дворецот на висока војничка служба. Во времето кога овој злочестив цар започнал со сурови прогонства на христијаните, тој го одредил Неаниј да предводи воена чета во Александрија со една единствена цел – да ги сотре тамошните следбеници на Христа.
На патот кон Александрија, на Неаниј му се случило чудо слично на она што го доживеал апостол Павле. Во третиот час од ноќта се случил силен земјотрес, при што му се јавил Господ.
Се слушнал глас: „Неаниј, каде одиш и на кого стануваш?“ Во голем страв, тој запрашал: „Кој си ти, Господи? Не можам да те познаам.“ Во тој миг во воздухот се појавил пресветол крст, налик на кристал, и се слушнал одговор: „Јас Сум Исус, распнатиот Син Божји.“
Господ му порачал со знакот на крстот да ги победува своите непријатели, ветувајќи му го Својот мир. Овој настан целосно го променил војводата. Тој наредил да му се изработи крст каков што видел во визијата и, наместо против христијаните, тргнал во битка против Агарјаните кои во тоа време го напаѓале Ерусалим. Откако извојувал победа, влегол во градот и отворено ѝ признал на мајка си дека станал христијанин.
Откако бил изведен пред судијата, Неаниј ги симнал од себе војводскиот појас и мечот, фрлајќи ги во знак дека од тој момент е војник само на Царот Христос. Поради ова признание, бил подложен на тешки мачења и фрлен во затвор.
Токму во затворот, повторно му се јавил Христос, го крстил и му го дал името Прокопиј.
Еден ден, на прозорецот од неговата ќелија дошле дванаесет жени кои му рекле: „И ние сме слугинки Христови.“ Поради ова биле затворени заедно со него, а свети Прокопиј ги поучувал во верата, подготвувајќи ги за маченичкиот венец. Гледајќи ја храброста на овие жени и маките што ги трпеле, мајката на Прокопиј доживеала духовно будење и самата поверувала во Христа. На крајот, сите тринаесет жени биле заедно погубени.
Заштитник на бракот Поради поуките што Свети Прокопиј им ги давал на жените за тоа како да го примат маченичкиот венец, овој светител има посебно место во Православната црква. Затоа, во чинот на брачното венчавање, покрај боговенчаните цар Константин и царица Елена, задолжително се спомнува и Свети Прокопиј.
Кога бил изведен на губилиштето, Свети Прокопиј ги подигнал рацете кон исток и се помолил на Бога за сите бедни и неволни, сиромашни и вдовици. Посебно се помолил за Светата Црква – да расте, да се прошири насекаде и Православието да свети до кончанието на светот.
Откако од небото му било јавено дека молитвата му е услишена, тој радосно ја положил својата глава под мечот. Светиот великомаченик Прокопиј пострадал чесно за својата вера во Кесарија Палестинска, на 8 јули 303 година.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

