19 август 2026
• од Темелко Тошев
Православните верници денеска го одбележуваат еден од централните христијански празници – Преображение Господово. Овој голем празник, кој се слави на 19 август според новиот (6 август според стариот) календар во време на Богородичините пости, носи длабоко црковно значење, но истовремено е преполн со живописни народни обичаи и верувања.
Христовото Преобразување на гората Тавор
Во основата на празникот лежи настанот на Христовото преобразување пред Неговите ученици. Според светото писание, во третата година од проповедањето, Исус почнал да им зборува на своите апостоли за неговото претстојно страдање, распнување и смрт, но и за воскреснувањето. За да ја зацврсти нивната вера и да спречи да се разочараат во деновите на страдањето, Исус повел тројца од своите најблиски апостоли – Петар, Јаков и Јован, на планината Тавор.
Додека Исус се молел, Неговото лице почнало да свети како сонце, а облеката Му станала бела како снег. Во тој момент се појавиле старозаветните пророци Мојсеј и Илија. Тогаш од светол облак се слушнал гласот Божји кој порачал: „Ова е мојот возљубен Син, во кого е мојата волја; него послушајте го!“. Празникот сведочи за објавувањето на Божествената природа на Исус Христос пред човечкиот род.
Првото каснување грозје и благословување на плодовите
Во македонската народна традиција, Преображение зазема исклучително важно место. Овој празник го означува денот кога за првпат во годината се бере и се јаде грозје. Според строгите обичаи, кое на пример ги забележал и Марко Цепенков, грозје не смеело да се вкуси пред Преображение – „дури не се пеит од попот“.
Верниците носат грозје (а во краиштата каде што нема лозја – јаболка, сливи и сл.) во црквата, каде што свештеникот ги чита молитвите и го благословува плодот. Овој чин е своевидна благодарност кон Бога за сите дарови на земјата. Откако ќе се благослови, грозјето се раздава по соседите и дури потоа може слободно да се јаде.
Преобразување на природата и отворање на небото
Покрај црковниот аспект, празникот се поврзува со преодниот период на годината и заладувањето на времето. Народните верувања велат дека на овој ден „се преобразува природата“: лисјата на дрвјата почнуваат да венеат, водата во реките и езерата застудува, поради што се смета дека на Преображение луѓето за последен пат се капат во отворени води. Во Охридско, пак, се верува дека токму на овој ден кај месноста Студенчишта се собираат штрковите пред да одлетаат во потоплите краишта, предводени од еден, како што го нарекуваат, „црн штрк – војвода“.
Едно од највпечатливите верувања кое се пренесувало од колено на колено е дека ноќта спроти празникот небото се отвора, се јавува Самиот Бог, а дрвјата се поклонуваат со врвовите до земјата. Се верува дека на оние што будни ќе го дочекаат овој миг, Бог ќе им ја исполни секоја желба. Позната е шеговитата поучна приказна од нашиот фолклор (запишана и од Шапкарев и од Матов) за човекот кој во брзање наместо да побара „еден шиник пари“, по грешка посакал „еден шиник глава“, па главата толку му пораснала што морал да ги крши тарабите за да ја извади. Ова верување ги терало мајките да ги будат децата преку ноќта со надеж дека ќе ја видат „Божјата врата“.
Преображение Господово останува празник кој го обединува светото и секојдневното, потсетувајќи ги луѓето на духовната светлина и на длабоката поврзаност на човекот со Бога и со природата која нè опкружува.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

