09 јули 2026
• од Темелко Тошев
Бактеријата салмонела е причинителот за масовното труење со храна на вработените во прилепската компанија „Микросам“, покажуваат епидемиолошките анализи на Центарот за јавно здравје во Прилеп.
Здравствените проблеми кај вработените се појавиле откако на 29 јуни консумирале оброк доставен од кетеринг компанија со која соработува фирмата. Тој ден на вработените им биле послужени макарони со јајца и урда.
Од вкупно 58 вработени кои ја консумирале оваа храна, кај дури 44 лица се појавиле симптоми на труење. Шестмина од нив биле задржани на болничко лекување во Општата болница во Прилеп, додека останатите поминале со полесна или средно тешка клиничка слика.
Познато е дека овој тип на бактериско труење најчесто се поврзува со консумирање на недоволно термички обработена храна од животинско потекло, како што се месото, јајцата, млекото и нивните преработки.
„Наглото започнување, брзото достигнување на максималниот број заболени и потоа наглото опаѓање на бројот, укажуваат дека станува збор за еднократна изложеност на контаминирана храна. Од 23 земени примероци од заболените лица, кај 11 веќе е потврдено присуството на бактеријата салмонела. Иако сè уште се чекаат конечните потврди, без разлика на резултатите, храната останува главниот сомнеж за појавата на труењето“, соопштија од Центарот за јавно здравје во Прилеп.
Веднаш по инцидентот земени се примероци и од подготвената храна. Резултатите од анализите во микробиолошката лабораторија на Институтот за јавно здравје во Скопје треба да покажат дали храната директно ја содржела бактеријата.
По пријавувањето на случајот, извршен е вонреден инспекциски надзор во заедничка соработка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Во меѓувреме, кујната на кетеринг компанијата и мензата во компанијата „Микросам“ остануваат затворени и ставени вон функција, сè додека Центарот за јавно здравје не ги достави конечните лабораториски анализи.
По комплетирањето на извештаите, Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе ги преземе сите соодветни законски и прекршочни мерки против одговорните субјекти.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

