09 јули 2026
• од Темелко Тошев
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски со остар став околу историските факти и актуелната политичка дебата за внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Според него, негирањето на историското присуство на бугарско население на овие простори претставува „чисто пропагандна позиција“.
Во своето најново излагање, поранешниот премиер Љубчо Георгиевски се осврна на историските демографски податоци за Македонија, повикувајќи се на официјалните пописи од времето на Османлиската Империја, како и на бројните историски записи.
Георгиевски посочува дека историската реалност, забележана во османлиските документи, дава поинаква слика од онаа што често се пласира во домашната јавност.
„Колку што постојат турски пописи, сегде е јасно потенцирано дека најголемиот број на население во историските и географските граници на Македонија е бугарското население. Зошто го правеле тоа Турците на нивните пописи не ми е јасно, меѓутоа тоа е така, за жал“, истакнува Георгиевски.
Анализирајќи ја историската литература, тој нагласува дека постоењето на различни етникуми на овие простори е неспорен факт, дури и кога се земаат предвид книгите кои биле пишувани под силно влијание на соседните држави и големите сили.
Осврнувајќи се на актуелната тема за вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав, Георгиевски смета дека противењето базирано на тезата дека „овде никогаш немало Бугари“ е неодржливо.
Според него, да се гради политички став врз основа на негирање на минатото е погрешно.
„Да зборуваме дека во Македонија никогаш немало Бугари и затоа немаме потреба ни да ги ставиме во Уставот е навистина чисто пропагандна позиција“, заклучува поранешниот премиер.
Изјавата на Георгиевски доаѓа во време на континуирани дебати во македонското општество околу историските прашања со соседна Бугарија и обврските кои произлегуваат од преговарачката рамка со Европската Унија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

