16 септември 2026
• од Темелко Тошев
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по спроведената истражна постапка, поднесе обвинителен акт до Основниот кривичен суд Скопје против едно лице во врска со палењето на возилата пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје. Инцидентот се случи на 15 јуни оваа година.
Според информациите, лицето се товари за кривичното дело „Загрозување лица под меѓународна заштита“. Во обвинението се посочува дека на 15 јуни, околу 12:05 часот, обвинетиот предизвикал пожар пред амбасадата, со што создал значителна опасност по животот и телото на лицата кои уживаат меѓународноправна заштита.
Во деталите од обвинителниот акт е наведено дека лицето претходно наполнило пластично шише со бензин на бензинска пумпа лоцирана во близина на амбасадата, по што се упатило кон објектот. Откако пристигнал до паркираните возила кои ги користеле военото аташе на Бугарија и останатите вработени во амбасадата, обвинетиот ги полеал со бензинот и ги запалил, а потоа веднаш избегал од местото.
Паралелно со обвинителниот акт, јавниот обвинител поднел и предлог за продолжување на претходно изречената мерка притвор. Обвинителството оценува дека сè уште опстојуваат причините за оваа мерка, бидејќи постои реална опасност обвинетиот да стане недостапен за органите на прогонот и да ја попречи кривичната постапка. При предлогот биле земени предвид природата на делото кое е директно насочено кон сигурноста на дипломатските претставници, како и фактот дека за ова кривично дело според Кривичниот законик е предвидена затворска казна од најмалку една година.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

