04 мај 2026
• од Гоце Кически
Министерството за правда денеска излезе со соопштение во врска со случајот со поранешниот премиер Никола Груевски, откако тој вчера преку објава на социјалните мрежи упати остри критики кон Министерството и министерот за правда.
Министерството за правда: Постапуваме согласно законите во случајот со Никола Груевски
Оваа тема веќе беше предмет на нашето известување, но при подготовката на написот утврдивме дека соопштението на Министерството за правда во меѓувреме е избришано, односно попрецизно — скриено од официјалната веб-страница.
Линкот на кој било објавено соопштението во моментов не ја отвора конкретната објава, туку пренасочува кон почетната страница на Министерството за правда. При проверка, URL-адресата навистина се отвора како почетна страница на Министерството, каде се прикажани други содржини и новости, а не предметното соопштение.
Сепак, во sitemap-от на веб-страницата сè уште може да се види записот за објавата, со датум и време на последна измена: понеделник, 4 мај 2026 година, 13:48:01 часот.
Во sitemap-от е наведена следната адреса:
https://www.pravda.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/novosti/ministerstvoto-za-pravda-postapuva-isklucivo-soglasno-zakonite-i-megjunarodnite-dogovoriФактот што соопштението било објавено, а потоа брзо скриено од веб-страницата, отвора повеќе прашања на кои очекуваме Министерството за правда да одговори: зошто соопштението повеќе не е јавно достапно, дали станува збор за техничка грешка или за свесна одлука, кој ја донел одлуката за негово отстранување од јавниот дел на страницата и дали Министерството стои зад содржината што претходно ја објавило.
Поради тоа, во продолжение го објавуваме соопштението во неговата официјална, неуредувана форма:
Соопштение до јавноста
Министерството за правда постапува исклучиво согласно законите и меѓународните договори. Во однос на случајот со Никола Груевски, се преземаат сите потребни чекори за комплетирање на документацијата и нејзино соодветно процесирање во рамки на законската процедура.
Собирањето информации од надлежните судови има за цел да обезбеди целосна и точна правна основа за понатамошно постапување. Министерството нема надлежност да ги преиспитува правосилните судски одлуки, туку е должно да постапува по нив.
Воедно, нагласуваме дека сите постапки се водат низ институционален процес и во соработка со надлежните органи на Унгарија, без влијание на политички изјави или квалификации.
Министерството останува посветено на владеењето на правото и почитувањето на правниот поредок.
Груевски во својата вчерашна објава го критикуваше министерот за правда, наведувајќи дека наместо да собира информации од судовите во врска со неговиот случај и евентуална постапка за екстрадиција, министерот треба да ги испита, како што тврди Груевски, злоупотребите, притисоците и незаконитостите во судските постапки против него во периодот на претходната власт.
Министерството, пак, во соопштението тврди дека во случајот со Груевски постапува исклучиво согласно законите и меѓународните договори, дека собирањето информации од судовите е дел од законска процедура и дека Министерството нема надлежност да ги преиспитува правосилните судски одлуки.
Останува отворено прашањето зошто токму ова соопштение, објавено на официјалната веб-страница на Министерството за правда, повеќе не е достапно за јавноста преку линкот на кој првично било поставено.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

