01 мај 2026
• од Тодор Вангелов
Во време на зголемени геополитички тензии и предизвици за европската безбедност, Европската Унија повторно го става проширувањето во центарот на својата стратегија. Овој процес, кој долго време беше забавен, денес добива нова динамика, при што како најистакнати примери се издвојуваат Црна Гора и Албанија.
Говорејќи на одбележувањето на Денот на Европа на Универзитетот во Фрибург, европски претставници нагласија дека проширувањето повеќе не е само економски проект, туку и клучен инструмент за обезбедување мир, стабилност и безбедност на континентот.
„Европа нема бесконечно време. Ако се однесуваме како бирократи без визија, ризикуваме да ги изгубиме земјите кандидати“, беше пораката што одекна како потсетник на претходните проширувања.
Црна Гора моментално е најнапредната земја кандидат. Минатата недела, земјите членки на ЕУ се согласија да започнат со подготовка на Договорот за пристапување – чекор што не е направен уште од времето на Хрватска пред повеќе од една деценија.
Овој развој се смета за јасен сигнал дека реформите даваат резултати и дека членството е реална перспектива. Црна Гора, со континуирани напори во владеењето на правото и институционалните реформи, се позиционира како лидер во регионот на Западен Балкан.
Албанија, пак, се очекува да биде следната земја што ќе напредува значително во процесот. Нејзиниот напредок во реформите, особено во правосудството и борбата против корупцијата, е препознаен како позитивен пример.
Европските претставници истакнуваат дека успехот на овие две земји може да послужи како мотивација за останатите држави од регионот, каде што сè уште постои скептицизам за реалноста на европската перспектива.
Во говорот во Фрибург, Северна Македонија не беше директно спомената меѓу земјите што моментално го предводат процесот на проширување, што индиректно укажува на забавување на нејзиниот напредок во однос на другите кандидати.
Во домашниот политички контекст, премиерот Христијан Мицкоски често ја претставува Северна Македонија како „фронтранер“ во евроинтеграциите. Сепак, пораките од Брисел, вклучително и од европската комесарка за проширување Марта Кос, укажуваат на поинаква слика.
Според Кос, конкретниот напредок и динамика во моментов се поизразени кај земји како Црна Гора и Албанија, што сугерира дека Северна Македонија заостанува поради недоволни реформи и неизвршување на клучните уставни измени, вклучително и вметнувањето на Бугарите и другите заедници во Уставот.
Во новиот геополитички контекст, проширувањето добива и безбедносна димензија. Земјите кандидати не се гледаат само како идни членки, туку и како партнери во справувањето со закани како хибридни напади, енергетска зависност и странско влијание.
ЕУ има за цел побрзо интегрирање на кандидатите во одредени политики – како енергетика, безбедност и единствениот пазар – дури и пред формалното членство.
По години на стагнација, Европската Унија покажува нова политичка волја за проширување. Во последните 18 месеци е постигнат поголем напредок отколку во претходните 15 години, што укажува на враќање на амбицијата и стратешката визија.
Заклучокот е јасен: во услови на глобална нестабилност, обединета Европа со јасна перспектива за проширување е најсилниот гарант за мир, слобода и просперитет.
Црна Гора и Албанија денес не се само кандидати – тие се тест за кредибилитетот на Европската Унија и нејзината способност да ја обликува иднината на континентот.
Бугарија и бугарскиот народ го одбележуваат Априлското востание и неговото наследство
Трамп најави укинување на тарифите за виски по посетата на британскиот крал и кралица
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

