02 мај 2026
• од Тодор Вангелов
Случајот на 25-годишната Ива Михаилова од Кочани отвора сериозни прашања за постапувањето на институциите, откако таа веќе седми месец се соочува со правни ограничувања и влошена здравствена состојба по тешка сообраќајна несреќа. И покрај медицинските препораки за итна хируршка интервенција во странство, судот ѝ го одбива барањето за напуштање на државата.
Несреќата се случила на 7 октомври 2025 година, на патот Кочани–Штип. Според изјавата на Михаилова, таа се движела по својата коловозна лента со дозволена брзина, кога возило од спротивната насока преминало во нејзината лента обидувајќи се да избегне полициско возило паркирано на непрописно место.
„Возачот не ја намали брзината, туку се обиде да ги престигне и директно ме удри,“ вели Михаилова.
Во несреќата загинал сопатник од другото возило. Според наводите, смртта настанала како последица на товар (градежни шипки) што се превезувал во возилото.
Дополнителни контроверзии предизвикува и реакцијата на полицијата. Сведоци тврдат дека само еден полициски службеник пружил помош, додека останатите не реагирале.
Неколку часа по несреќата, додека била хоспитализирана во Скопје, Михаилова била означена како осомничена. Истовремено, ѝ биле одземени македонскиот и бугарскиот пасош и ѝ била изречена мерка забрана за напуштање на државата, како и обврска за редовно пријавување во полиција.
Одбраната наведува дека клучни сведоци не биле повикани, и покрај тоа што можат да ја потврдат нејзината верзија на настаните.
Како последица од несреќата, Михаилова има сериозни повреди на ‘рбетот (пршлени Л4 и Л5), што довело до делумна парализа. Лекарите дијагностицирале состојби што бараат итна хируршка интервенција со имплантација на специјализирана пумпа – процедура која не се изведува во земјава.
Интервенцијата е достапна во неколку странски клиники, вклучително и во Бугарија, каде што Михаилова живее и има здравствено осигурување.
И покрај приложената медицинска документација, Основниот суд во Кочани двапати го одбил барањето за привремено враќање на пасошите. Во образложението се наведува дека нејзиниот живот не е директно загрозен и дека мерките се неопходни за обезбедување на нејзино присуство во постапката.
„Моите основни човекови права се прекршени,“ изјавува Михаилова, додавајќи дека правни тимови од Македонија и Бугарија работат на случајот.
Во нов обид, одбраната поднела трето барање, нудејќи и гаранција со недвижен имот.
Додека институциите го одолговлекуваат процесот, здравствената состојба на Михаилова се влошува. Според лекарите, секое одложување го зголемува ризикот од траен инвалидитет.
Случајот ја отвора дебатата за балансот меѓу правосудните мерки и правото на здравствена заштита, особено во ситуации каде времето е клучен фактор.
Очекувањата на семејството и одбраната се дека судот ќе ја преиспита својата одлука и ќе овозможи лекување пред да биде предоцна.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

