31 мај 2026
• од Темелко Тошев
Православните верници денеска го одбележуваат големиот Господов празник Педесетница – Слегувањето на Светиот Дух, меѓу народот најпознат како Духовден. Овој ден претставува еден од најзначајните датуми во христијанството и се смета за ден кога е основана христијанската црква.
Празникот Духовден секогаш се празнува точно педесет дена по Велигден (Воскресение Христово) и десет дена по Спасовден (Вознесение Христово). Во македонската народна традиција, овој светол празник се среќава под повеќе имиња: Дуовден, Доедни, Свети Дух, Педесетница и Света Троица.
Според христијанското учење, на 50-тиот ден од Христовото воскресение, односно за време на еврејскиот празник Педесетница, Светиот Дух слегол врз апостолите во вид на пламени јазици. Со овој божествен чин, апостолите биле исполнети со сила и го добиле дарот да зборуваат на различни јазици, што им овозможило да почнат да го шират Евангелието и христијанското учење низ целиот свет. Токму затоа, светите отци овој настан го нарекуваат „Роденден на Црквата“.
За христијанската црква, овој настан има непроценливо и суштинско значење. Се верува дека од тој историски момент, па сѐ до денес, Светиот Дух никогаш не ја напуштил Црквата. Тој непрестајно слегува врз неа за време на светите литургии, во молитвите и во сите добри дела. Токму поради овој Дух, целокупниот христијански живот се нарекува духовен.
Педесетницата претставува едно од најсветлите збиднувања во христијанството бидејќи со него се исполнуваат старозаветните пророштва и целосно се открива тајната на Светата Троица.
Во Стариот завет човештвото знаело само за Бог (Отецот). Со раѓањето на Исус Христос, луѓето го виделе Единородниот Син, а токму на денешен ден – на Педесетницата, верниците го запознале и третото лице на Светата Троица – Светиот Дух.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

