31 мај 2026
• од Темелко Тошев
Продолжувањето на преговорите со Европската Унија зависи исклучиво од актуелната власт, која очигледно нема намера да го направи тој чекор, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Пред почетокот на конгресот на НСДП, тој децидно нагласи дека уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот нема на ниту еден начин да го загрозат македонскиот идентитет.
Според лидерот на опозицијата, власта свесно ја манипулира јавноста и создава паника меѓу граѓаните со цел да избегне носење на одлуки кои се клучни за европската иднина на државата.
„Дали ќе ги продолжиме преговорите зависи од власта, а од власта очигледно не сакаат. Ги плаши граѓаните дека е загрозен јазикот, идентитетот и не знам која друга идентитетска одредница на македонскиот народ, со цел да не се направи чекорот којшто не носи никаков ризик, а тоа се уставните измени“, изјави Филипче.
Одговарајќи на новинарско прашање околу стравувањата дали уставните измени ќе бидат последното барање од Софија и од Брисел, Филипче потенцираше дека билатералните спорови со која било земја членка на ЕУ не се дел од европската преговарачка рамка.
Тој објасни дека овие прашања се решаваат исклучиво на билатерално ниво и не смеат да го сопрат процесот на отворање и затворање на европските кластери.
Филипче упати остри критики кон владата предводена од Христијан Мицкоски, обвинувајќи ја за глумење лажен патриотизам на штета на државните интереси. Тој смета дека токму стопирањето на евроинтеграцискиот процес е вистинската закана за Македонија.
„Ова е само уште една лага и манипулација на оваа власт. Сакаат исто како и во очи на изборите во 2024 година да глумат патриоти, дека се тие на браникот на одбрана на националните интереси на државата, што не е вистина. Со тоа што не се продолжува европскиот пат, оваа власт на чело со Христијан Мицкоски директно ги загрозува националните интереси и иднината на земјата“, заклучи претседателот на СДСМ.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

