30 мај 2026
• од Темелко Тошев
Европската Унија заборави на земјите од Западен Балкан, а да не беше кризата во Украина и руската агресија, регионот дефинитивно ќе останеше надвор од фокусот и интересот на Брисел. Ова е главната порака што ја испрати поранешниот македонски премиер и универзитетски професор, Владо Бучковски, во своето гостување во српската политичко-аналитичка емисија „Синтеза“.
Анализирајќи ги геополитичките поместувања и евроинтегративниот процес, Бучковски посочи дека неправдите кои ѝ беа нанесени на земјава директно придонесуваат за растот на евроскептицизмот.
„Не може да се заборави сè што направи нашата Македонија. Тоа е најголемата грешка што ја направи Европската Унија кон мојата Македонија, затоа што ние бевме лидери во европеизацијата на Западниот Балкан во 2005 година. Сè што се случува создава доза на евроскептицизам. ЕУ мора што побрзо да ни го испорача она што го заслуживме“, истакна Бучковски.
Тој додаде дека е неопходен било каков исчекор напред, поддржувајќи ја прагматичната идеја на албанскиот премиер Еди Рама за еден вид придружно членство: „Дајте да влеземе во клубот, не ни треба право на вето, дајте ни придружно членство за да бидеме дел од ЕУ.“
Според поранешниот премиер, европеизацијата на овој дел од Европа останува врвен приоритет. Затегнатите односи меѓу САД и ЕУ, според него, се само уште еден доказ дека Европа мора итно да го заврши процесот на проширување и да ги отвори вратите за Западниот Балкан, со цел да се оцврсти одвнатре.
Иако смета дека актуелните тензии на релација Вашингтон – Брисел се од привремен карактер и дека Македонија мора да негува исклучително добри односи со двата стратешки центри, Бучковски има јасен став доколку дојде до стратешко разидување меѓу сојузниците:
„Ако на крај дојде до развод меѓу нив, мораме да бидеме на страната на ЕУ, тоа е моето мислење.“
Освен критиката кон Европската Унија, Бучковски нотираше дека Западниот Балкан е подзаборавен и од Соединетите Американски Држави. Тој оценува дека американскиот Стејт департмент веќе не води сметка за регионот со истиот интензитет како во изминатите три децении.
Интервјуто на Бучковски доаѓа во период на сложени геополитички предизвици, кога регионот на Западниот Балкан сè уште чека конкретни чекори од Брисел, додека глобалното внимание е свртено кон војната во Украина.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

