31 мај 2026
• од Темелко Тошев
Иако партијата во минатото често градеше реторика против двојазичноста, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, изненади со својот потег на неодамнешниот политички собир во соседна Албанија, каде своето обраќање го започна на албански јазик.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, викендов присуствуваше на националното собрание на Демократската партија на Албанија. Како што соопшти тој, на настанот бил присутен на покана од оваа сестринска партија од Република Албанија.
Она што предизвика посебно внимание е фактот што Ковачки во воведот од својот говор кусо се обрати на албански јазик. На овој начин, тој ги пренесе поздравите од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен премиер на државата, Христијан Мицкоски.
Во своето излагање пред присутните, Ковачки нагласи дека иднината на регионот мора да се гради исклучиво врз заеднички вредности и меѓусебно почитување. Тој испрати јасна порака дека земјите од Западен Балкан треба да бидат дел од Европската Унија, но под достоинствени услови.
„Истакнав дека нашето место е во ЕУ, не понижени, туку како еднакви партнери“, наведе Ковачки по завршувањето на настанот.
Осврнувајќи се на добрососедските односи, Ковачки даде силна изјава за поврзаноста меѓу Македонија и Албанија, истакнувајќи ги длабоките врски меѓу двете земји.
„Македонско-албанското пријателство не е дипломатска фраза, туку е географска, историска и цивилизациска реалност“, порача генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Овој настап на Ковачки во Тирана претставува јасен сигнал за градење на поблиски односи со сестринските партии во регионот, но истовремено отвора и дебата во домашната јавност поради контрастот со досегашните партиски ставови околу употребата на албанскиот јазик.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

