13 октомври 2026
• од Гоце Кически
Бугарија презема итни безбедносни мерки по новите напади со дронови врз два трговски брода во Црното Море, во близина на бугарскиот брег. Едниот брод потонал, а од другиот биле спасени сите 15 членови на екипажот. Премиерот Румен Радев свика итен состанок на безбедносните служби и најави разговори со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и со руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова.
Првиот од новите напади се случил во текот на ноќта, на околу 18 морски милји од бугарскиот град Бјала. Бродот „Челси 3“, кој пловел под знамето на Малта и е во украинска сопственост, бил погоден со три дронови. Бугарските спасувачки служби брзо реагирале и ги евакуирале сите 15 морнари, од кои седуммина Украинци и осуммина државјани на Азербејџан. Петмина добиле медицинска помош поради полесни повреди.
За време на итниот состанок на безбедносните служби пристигнала информација за уште еден напад, во близина на Крапец. Вториот брод потонал, а според првичните информации, спасен е еден член на екипажот.
Радев нагласи дека новите напади врз трговски бродови во непосредна близина на бугарските територијални води се апсолутно неприфатливи. Тој истакна дека засега нема цврсти докази за потеклото на дроновите, но оцени дека последиците од нападите одат во прилог на Русија. Поради тоа, најави дека ќе ја повика руската амбасадорка на разговор.
Бугарија веднаш ги известила своите претставници во НАТО и Европската Унија и побарала меѓународна поддршка за утврдување на одговорноста за нападите. Софија ќе инсистира и на засилено набљудување на воздушниот и поморскиот простор, како и на зајакнување на способностите за брза реакција.
Новите напади дополнително ја зголемуваат загриженоста за безбедноста во Црното Море. Бугарските власти порачуваат дека ќе продолжат со активна соработка со сојузниците од НАТО и Европската Унија за заштита на пловидбата и безбедноста во регионот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

