08 октомври 2026
• од Гоце Кически
Прелиминарните антрополошки анализи на коскените останки што се поврзуваат со цар Самоил покажуваат дека тој починал на возраст меѓу 60 и 70 години, бил висок околу 173 сантиметри и страдал од повеќе заболувања што му го отежнувале движењето во последните години од животот.
Бугарските научници соопштија дека на скелетот се забележани дегенеративни промени на 'рбетот и зглобовите, како и воспалителни процеси кои веројатно предизвикувале силни болки. Утврдена е и повреда на подлактицата, која довела до сериозно оштетување на левата рака.
Останките биле проучувани во Музејот на византиската култура во Солун, а потекнуваат од гробници во базиликата на островот Свети Ахил во Малото Преспанско Езеро. Научниците испитувале и останки од други лица погребани на истото место, меѓу кои и материјал што се поврзува со Гаврил Радомир, како и останки од повеќе деца.
Следната фаза предвидува радиојаглеродно датирање, анализи на древна ДНК и испитување на стабилни изотопи. Целта е да се добијат повеќе информации за роднинските врски меѓу погребаните, нивното потекло, исхраната и движењето во текот на животот. Дел од примероците веќе се испратени во специјализирани лаборатории во Германија.
Научниците предупредуваат дека ДНК анализата сама по себе не може да даде конечен одговор за идентитетот на останките. Според нив, поврзувањето со цар Самоил се темели на повеќе историски, археолошки и антрополошки податоци, а конечните научни резултати може да бидат објавени во следните две до три години.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

