18 август 2026
• од Темелко Тошев
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски повторно ги изнесе своите ставови за македонско-бугарските историски односи, децидно тврдејќи дека двете земји делат општа историја и дека бугарската историска наука е речиси целосно во право за клучните историски епохи.
Во своето излагање, Георгиевски истакна дека логиката околу заедничкото минато е толку јасна што е невозможно да се негира, особено кога станува збор за периодите од средновековието па сè до почетокот на Втората светска војна.
„Јас сум еден од тие приврзаници кои многу пати сум го кажал дека сметам дека да, ние имаме општа историја со Бугарија. Сметам дека бугарската историографија во делот на средновековната историја, преродбата – 'возраждањето' што го викаат тие, и во делот на револуционерните борби на историското ВМРО, е логично во 95 проценти во право“, изјави Георгиевски.
Тој додаде дека фактите се очигледни, потенцирајќи: „Човек треба со сила да се прави луд за да не ја признава таа општа историја со Бугарија.“
Осврнувајќи се на настаните по Првата светска војна, односно периодот од 1918 до 1941 година, Георгиевски направи јасна дистинкција за тоа што се случувало со населението на териториите на тогашна Југославија и Грција.
Според него, тој период за Македонците не бил период на развој, туку на континуирано страдање. „Вистинската историја овде во Југославија и во Грција е историја на ропство. Имаме историја на маки, имаме историја на тепање и малтретирање“, посочи тој.
И покрај репресијата и тешкотиите меѓу двете светски војни, Георгиевски смета дека токму тогаш континуитетот на македонската идеја бил зачуван преку дејствувањето на различните политички струи.
Она што денес се изучува како историја на македонската левица и десница, според Георгиевски, е всушност суштината на борбата за опстанок – или како што тој ја нарекува, „целата таа приказна за одржување на Македонија како жива приказна“.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

