17 август 2026
• од Темелко Тошев
Здравствениот систем е во максимална готовност, а дијагностичките капацитети се драстично зголемени. Министерот Клековски информираше дека вирусот зема замав и во соседна Грција, особено во пограничните зони.
Бројот на заболени од западнонилска треска во државата се зголемува. Министерот за здравство, Сашо Клековски, на денешната прес-конференција ја обелодени најновата здравствена слика, информирајќи дека досега се потврдени 35 случаи на заболени од овој вирус, а за жал, три лица ја загубиле битката со болеста.
Во моментов здравствените власти чекаат резултати за уште три суспектни случаи кои се во процес на дијагностицирање. Ситуацијата е сериозна кај шестмина пациенти кои се во критична состојба и се сместени на интензивна нега на Клиниката за инфективни болести во Скопје.
„Од потврдените случаи, најголем дел се згрижени на Инфективната клиника, додека еден пациент се наоѓа во приватна здравствена установа,“ истакна министерот Клековски, додавајќи и една позитивна вест – досега 15 пациенти се успешно излекувани и отпуштени на домашно лекување.
Опасност од југот: Атина е најактивното подрачје во Европа
Вирусот рапидно се шири и во соседството. Според податоците кои ги сподели министерот, моментално најактивно подрачје со западнонилска треска во цела Европа е Атина. Во соседна Грција веќе се регистрирани 81 случај на заболени со потешка, невроинвазивна форма на болеста, а деветмина починале. Она што е загрижувачко е што случаи се регистрирани и во пограничните зони со нашата држава.
Здравствениот систем алармиран, тестирањата зголемени
Како одговор на состојбата, здравствениот систем е ставен во целосна готовност.
„Дијагностичките капацитети се подигнати максимално. Ако во минатите години се правеле по 40 анализи годишно, ние веќе работиме со ритам од 4 до 8 анализи дневно. Да потсетам дека се потребни два независни теста за конечна потврда на дијагнозата,“ појасни Клековски.
Сите лекари кои можат да дојдат во контакт со суспектни пациенти – матичните лекари, инфектолозите и невролозите – се навремено информирани и алармирани да ги следат симптомите.
При анализата на ширењето на заразата, Клековски потенцираше дека стручните служби прават прецизно мапирање, при што е клучно да се направи разлика меѓу местото на живеење на лицата и точната локација каде што биле каснати од заразен комарец и инфицирани со вирусот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

