26 април 2026
• од Темелко Тошев
Сериозни пропусти во безбедноста при работа се директната причина за вчерашната несреќа на градилиштето во скопската општина Кисела Вода, во која животот го загуби 34-годишен работник од Крива Паланка, а тројца негови колеги беа повредени.
Државниот инспекторат за труд (ДИТ) по извршениот увид констатираше дека на локацијата воопшто не биле преземени основните законски мерки за заштита на вработените.
Иако сите ангажирани работници биле уредно пријавени во работен однос кај подизведувачот, на терен е затекната состојба која не одговара на безбедносните стандарди. Главниот пропуст е лоциран кај темелната јама, која била целосно неосигурана.
„Од областа на Безбедност и здравје при работа утврдено е дека не биле преземени колективни мерки за заштита, што е и причина за несреќата“, информираат од Државниот инспекторат за труд.
Поради утврдените неправилности, инспекторатот веднаш изрече усмена забрана за работа на целото градилиште. Оваа мерка ќе остане на сила сѐ додека инвеститорот и изведувачот не ги отстранат сите ризици и не обезбедат максимална заштита за преостанатите работници.
Дополнително, од надлежните компании е побарано веднаш да ја достават целокупната документација за безбедност и здравје при работа (БЗР).
Додека Основното јавно обвинителство работи на расветлување на случајот и е издадена наредба за обдукција на починатиот, медицинските тимови се грижат за преживеаните. Тројцата повредени работници, на возраст меѓу 35 и 45 години, се наоѓаат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде нивната состојба будно се следи.
Овој случај повторно го отвора прашањето за контролата на градежните активности во главниот град и одговорноста на изведувачите во заштитата на човечките животи на работните места.
Петер Маѓар в среда во Брисел на итни разговори за одмрзнување милијарди евра од ЕУ
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

