25 април 2026
• од Темелко Тошев
Албанската политичка сцена е во нов зовриен бран откако опозициската Демократска партија (ДП) упати тешки обвинувања до министерот за Европа и надворешни работи, Ферит Хоџа. Според тврдењата на опозицијата, шефот на дипломатијата употребил навредлив јазик во приватна комуникација, нарекувајќи ги Албанците во Северна Македонија „идиоти“.
Шефот на пратеничката група на ДП, Газмент Барди, денеска објави наводна порака од група на апликацијата „Вацап“ (WhatsApp), каде министерот Хоџа наводно напишал: „Што велат тие албански идиоти“, реферирајќи на Албанците во Македонија.
Барди ја нарече оваа реторика скандалозна и побара итна оставка или разрешување на министерот од страна на премиерот Еди Рама.
„Неприфатливо е висок јавен функционер да ги нарекува Албанците ’идиоти’. Овој јазик не само што го нарушува достоинството на нашиот народ, туку наликува на реториката на Никола Пашиќ или Васа Чубриловиќ. Хоџа не смее да ја извршува функцијата ниту минута подолго“, изјави Барди, потенцирајќи дека ваквиот настап е во спротивност со Уставот на Албанија.
Од Министерството за Европа и надворешни работи експресно ги отфрлија обвинувањата, квалификувајќи ги како целосна лага и политичка манипулација. Портпаролот на министерството, Алтео Хиси, нагласи дека објавената комуникација е непостоечка.
Овој дипломатски и политички судир доаѓа во време на екстремно затегнати односи меѓу власта и опозицијата. Тирана неодамна беше сцена на масовни протести на кои беа користени молотови коктели и пиротехника, со барање за итно формирање техничка влада.
Опозицијата го обвинува премиерот Еди Рама за корупција и изборен инженеринг, додека најновиот инцидент со министерот Хоџа само дополнително го потпалува политичкиот оган во земјата.
Сè уште нема официјален коментар од македонското МНР или од политичките претставници на Албанците во Северна Македонија во врска со овие наводи.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

