24 април 2026
• од Гоце Кически
Објава на социјалната мрежа „Линкдин“ од страна на скопјанката Наташа предизвика лавина реакции и неверување во јавноста. Нејзиното сведоштво за бизарната грешка на македонската администрација ја отсликува длабочината на институционалниот хаос со кој се соочуваат граѓаните.
Наташа објаснува дека при вадењето на обичен извод од матичната книга на родените, се соочила со фрапантен податок – во документот стоела забелешка дека таа е разведена уште од 2014 година. Проблемот? Таа ниту некогаш поднела барање за развод, ниту пак учествувала во каква било судска постапка.
„Вадам извод од матична книга на родените, во изводот забелешка дека сум разведена од 2014 година. Ниту некогаш сум поднела тужба за развод, ниту сум одела на рочишта, ниту сум знаела дека некој суд решил да ме разведе“, пишува таа во својата реакција.
Дека апсурдот нема граници покажува и состојбата во која се води нејзиниот сопруг. Додека Наташа во системот е „сингл“ веќе 12 години без нејзино знаење, нејзиниот маж сè уште фигурира како зафатен, но со неверојатна грешка во евиденцијата.
Според официјалните податоци, тој е во брак со лице со исто име како нејзиното, но со матичен број кој означува машко лице.
„Пази молим те, сингл сум 12 години без да знам. Е сега јас сум сингл, ама маж ми не е – кај него си се води дека е во брак, ама пази сега – во геј брак, затоа што по венчаница е женет со некој со мое име, ама матичен број како за машко лице“, додава револтираната скопјанка.
Во својата објава, Наташа остро го напаѓа начинот на кој функционира администрацијата, нагласувајќи го парадоксот дека граѓаните мораат дополнително да плаќаат за да се поправат туѓите грешки. Таа потенцира дека ова не е само технички пропуст, туку системско затајување.
Овој случај отвора сериозни прашања за тоа колку се безбедни и точни нашите лични податоци во државните регистри. Додека институциите најавуваат дигитална револуција, граѓаните како Наташа се заглавени во лавиринтите на „грешки во чекори“ кои можат да предизвикаат сериозни правни и приватни компликации.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

