29 септември 2026
• од Гоце Кически
Двајца републикански конгресмени побараа од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да не одобрува ново изземање од санкциите за Нафтената индустрија на Србија, чиј мнозински пакет е во руска сопственост.
Џо Вилсон и Кит Селф испратиле писмо до американскиот министер за финансии Скот Бесент, во кое бараат Вашингтон да не ја продолжува привремената дозвола што му овозможува на НИС да работи и покрај американските санкции. Сегашното изземање истекува на 30 септември.
Конгресмените предупредуваат дека постојаното продолжување на дозволите ѝ овозможува на Русија да го задржи своето влијание во српскиот енергетски сектор и го одложува излегувањето на рускиот капитал од компанијата.
НИС минатата недела побара ново изземање од американските санкции. Компанијата управува со единствената рафинерија во Србија и обезбедува голем дел од горивото потребно за српскиот пазар. Руски компании и натаму контролираат околу 56 проценти од сопственоста.
Унгарската енергетска компанија МОЛ во јануари постигна прелиминарен договор за преземање на рускиот удел, но трансакцијата сè уште не е завршена. Вилсон и Селф сметаат дека новите американски изземања може дополнително да ги продолжат преговорите без конечна продажба.
Конгресмените како дополнителен аргумент ги наведуваат блиските политички и економски односи на Белград со Москва и фактот дека Србија не воведе санкции кон Русија по руската инвазија врз Украина.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

