29 септември 2026
• од Гоце Кически
Грција се очекува во текот на оваа недела да ѝ ги предаде на Бугарија посмртните останки за кои се смета дека му припаѓаат на цар Самоил, објави грчкиот весник „Нафтемборики“.
Останките биле откриени во 1969 година од грчкиот археолог Николаос Муцопулос при ископувања во базиликата „Свети Ахил“ на истоимениот остров во Малото Преспанско Езеро. Таму биле пронајдени четири богати гробници.
Муцопулос сметал дека една од гробниците му припаѓа на цар Самоил, а другите на членови на неговото семејство. Заклучокот бил заснован врз археолошките наоди и антрополошките карактеристики, меѓу кои и стара повреда на левата рака. Сепак, дел од научната јавност има резерви околу целосно сигурната идентификација на останките.
По откривањето, коските биле пренесени во Солун, каде што се чуваат во Музејот на византиската култура. Бугарија повеќепати барала нивно предавање, а иницијативата повторно била активирана во 2022 година во период на засилена соработка меѓу Софија и Атина.
Цар Самоил владеел кон крајот на десеттиот и почетокот на единаесеттиот век и водел долги војни со Византија. Починал во 1014 година.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

