21 август 2026
• од Темелко Тошев
Европската комисија соопшти дека Србија не го активирала Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија за да добие меѓународна помош за гаснење на големите пожари што ја зафатија земјата, пренесуваат медиумите.
Оваа потврда од Брисел доаѓа откако руски авион Ил-76 пристигна во Србија за да се вклучи во борбата со огнената стихија во областа Делиблатска Пешчара.
Од Европската комисија појаснија дека доколку Белград го активираше механизмот, ЕУ веднаш ќе започнеше координација со европските партнери за мобилизирање на потребната помош, во зависност од ситуацијата на теренот. Иако механизмот не е активиран, Европската комисија веќе обезбедила сателитски снимки од програмата „Коперник“, кои им помагаат на локалните противпожарни служби во следењето на пожарите.
Во меѓувреме, Министерството за вонредни ситуации на Руската Федерација испрати авион Ил-76, кој на 19 август пристигна на аеродромот во Ниш и веднаш беше вклучен во операциите за гаснење. Според податоците на српските власти, овој специјализиран авион може да исфрли до 42 тони вода при само еден прелет.
Руската амбасада во Белград прецизираше дека леталото е испратено по директно барање од српска страна, поради влошувањето на состојбата со пожарите и опасноста тие да се прошират кон населените места.
Овој лет доби и политичка димензија во соседна Бугарија, бидејќи рускиот авион прелета низ бугарскиот воздушен простор на патот кон Србија. Бугарското Министерство за надворешни работи појасни дека прелетувањето е дозволено по добиена дипломатска нота од Србија во врска со пожарите, при што летот бил категоризиран како хуманитарен.
Сепак, случајот предизвика политички реакции и дебати во Бугарија, имајќи ги предвид строгите ограничувања за руската авијација кои беа воведени по почетокот на руската инвазија на Украина. Бугарските институции, од своја страна, го потенцираа исклучиво хуманитарниот карактер на овој конкретен лет.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

