21 август 2026
• од Темелко Тошев
Куманово се соочува со исклучително загрижувачки тренд на зачестени труења кај најмладите. Во последниот инцидент кој ја вознемири јавноста, 16-месечно бебе завршило во болница откако случајно испило бензин.
Ова е четврти ваков случај во градот од јуни наваму, а дури трет во последните три недели, што отвора сериозни прашања за безбедноста и вниманието при чувањето на опасни супстанци во домаќинствата.
Според информациите од СВР Куманово, случајот бил пријавен на 19 август околу 22:28 часот од страна на Општата болница во Куманово, каде детето првично било донесено. Од кумановската болница потврдуваат дека се работи за интоксикација со бензин кај дете на возраст од 16 месеци.
„Детето е транспортирано на клиника во Скопје во стабилна состојба, вчеравечер околу 22 часот“, велат од болницата.
Полицијата интензивно работи на расчистување на околностите под кои дошло до овој немил настан.
Црна статистика: Најголемиот број труења на деца во државата се токму во Куманово
Она што најмногу загрижува е фреквенцијата на ваквите инциденти. Само во изминатите дваесетина дена, ова е трет регистриран случај во Куманово. Во првиот случај, дете се затру со пиење разредувач за боја, додека во вториот – двегодишно дете заврши во болница откако испило лекови.
Овој алармантен тренд беше присутен и минатото лето, кога исто така беа забележани неколку слични случаи на случајни труења на деца во овој град, меѓу кои и на бебе кое имало само десет месеци.
Податоците се фрапантни – од сите вакви случаи на несакани труења кај деца регистрирани на територијата на целата држава во изминатите две години, огромното мнозинство доаѓаат токму од Куманово.
Овие зачестени инциденти се сериозен аларм до сите родители и старатели максимално да ја зголемат внимателноста и строго да ги чуваат хемикалиите, лековите и средствата за хигиена надвор од дофатот на децата
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

