20 август 2026
• од Темелко Тошев
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упати остри критики кон актуелната власт, обвинувајќи ја за неспособност и лошо менаџирање со кризата предизвикана од вирусот на западнонилска треска во Скопје. Тој предупреди дека поради импровизираните и ненавремени мерки, граѓаните плаќаат со своите животи.
Немање стратегија и координација
Филипче посочи на низа недоследности и некоординираност во справувањето со кризата, ставајќи акцент на недоволната превенција и заштита на населението.
„Кој ја менаџира кризата со проблемот тука во Скопје? Излегува градоначалникот, се прскало волку пати, толку пати. Зошто има толку пациенти ако се прскало? Се проверил ли ефектот од прскањето? Се таргетирале ли добро жариштата на комарци и дали тоа било навремено?“, праша лидерот на СДСМ.
Тој јавно праша и дали матичните лекари биле навремено предупредени и дали добиле соодветни протоколи за рано препознавање на симптомите кај пациентите.
Драстичен скок на заболени и починати
Според Филипче, отсуството на соодветна превенција довело до ескалација на состојбата. Тој изнесе загрижувачки податоци дека само за една недела бројот на пациенти е зголемен за дури 50 отсто.
„Ги предупредиле ли старите луѓе на време? Се подготвил ли здравствениот систем да преземе многу пациенти? Како за само една недела е за 50% зголемен бројот на пациенти, од 26 на 38, а петмина се мртви? Ова е тотален дебакл и неспособност на оваа власт, која за жал луѓето ја плаќаат со животот“, потенцираше Филипче.
„Фокусот е на коруптивни зделки, а не на здравјето“
Во своето обраќање, поранешниот министер за здравство обвини дека заштитата на здравјето на граѓаните воопшто не е приоритет на актуелната Влада, туку фокусот е ставен на партиски и бизнис интереси.
„Ниту премиерот, ниту министрите од неговата екипа ги интересира нешто друго освен коруптивни зделки со нивните луѓе кои ги пуштаат во своите сектори. Ништо друго не сакаат да менаџираат. Но, треба да знаат дека за тоа ќе има одговорност“, дециден е Филипче.
Останува да се види дали надлежните здравствени власти и локалната самоуправа ќе преземат поригорозни чекори за сузбивање на ширењето на западнонилската треска и како ќе одговорат на овие прозивки.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

