21 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Суровата реалност за масовното купување и продавање земјиште и имоти по крајбрежјето на источниот дел на Егејска Македонија ја опиша митрополитот на Серес и Нигрита, Теолог. За време на официјален настан во градот Нигрита, тој изрази сериозна загриженост и вклучи аларм за претстојна демографска и национална промена во регионот.
Во своето емотивно обраќање кон граѓаните, високиот свештеник истакна дека во областа веќе е во тек нов тип на „интелигентна“ војна, која се фокусира на економско откупување на стратешки зони.
„Овој пат, во оваа фаза, војната нема да се води со бајонети. Таа ќе се води на други начини. Бугарите ја откупија целата крајбрежна линија на префектурата Серес. Тие не ја освоија, некои луѓе едноставно им ја подарија“, изјави митрополитот Теолог.
Тој повеќезначно додаде:
„Доаѓаат со куфери полни со пари, а само Господ знае какво е нивното потекло.“
Според објавите во локалните грчки медиуми, зборовите на митрополитот опишуваат феномен кој воопшто не е ограничен само на бреговите на Серес и Струмскиот залив.
Масовното откупување на викендички и имоти од страна на бугарски граѓани го опфаќа речиси целото крајбрежје на Беломорието – од Паралија Офринио (Тузла), Каријани, Неа Перамос, Неа Ираклица и Керамоти, сè до островот Тасос, Александруполис и Самотраки.
Митрополитот изрази сериозна вознемиреност за социјалните и политичките последици од засилениот бугарски интерес за регионот во блиска иднина:
„За многу кратко време, кога ќе се симнеме долу на крајбрежјето, нема да слушаме грчки говор, туку ќе слушаме само бугарски. Затоа што речиси целиот овој регион се купува, беше купен и ќе продолжи да се купува од нашите северни соседи. Тие утре ќе побараат училишта, а задутре ќе избираат и локални владетели. И она што не успеаја да го постигнат со години и векови наназад, само Господ знае како историјата може сега да им го донесе.“
На крајот од својот говор, митрополитот упати строг повик за будност и национална далековидност до грчките власти и народ. Користејќи метафора од античката митологија, тој ја повика грчката држава да дејствува превентивно:
„Должни сме да бидеме Прометејци (предвидливи, кои мислат однапред), а не Епиметејци (кратковиди, кои мислат отпосле). Не смееме да заостануваме и да трчаме по настаните за да ги поправаме, туку треба да имаме ум, интелигенција, мудрост и благоразумност да ги спречиме.“
Скопје конечно добива три јавни тоалети: Локациите се познати, но не и датумот
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

