21 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Македонски државјанин е главниот осомничен и целосно го призна убиството на 45-годишна жена на грчкиот остров Крит. Жртвата е сопственичката на станот во кој тој живеел под кирија, во селото Агиа во близина на Ханија. Жената исчезна на 30 мај, а нејзиното тело беше пронајдено утрово, откако убиецот ја однел полицијата до местото каде што го закопал.
За исчезнувањето на 45-годишната Ставрула Левендаки на почетокот на месецов беше издаден аларм за исчезнати лица („missing alert“). Бидејќи македонскиот државјанин бил последниот што ја видел пред да ѝ се изгуби секаква трага пред три седмици, тој од самиот почеток се најде во фокусот на полициската истрага.
Во своите првични искази пред полицијата, тој студено негирал каква било поврзаност со случајот. Тврдел дека на 30 мај, сопственичката го посетила само за да ги земе парите за киријата, по што си заминала.
Иако осомничениот темелно ги исчистил станот и своите три возила, полицијата под лупа ги спровела сите форензички истраги. Резултатите биле клучни – истражителите сепак пронашле остатоци од крв во станот и во едно од возилата.
Свирепиот случај доби разврска откако македонскиот државјанин во петокот беше уапсен за сосема друго дело – поседување и одгледување дрога. За време на испрашувањето во полициската станица, инспекторите го притиснале за случајот со исчезнатата жена, по што тој во текот на ноќта се скршил и го признал убиството.
Осомничениот веднаш им го посочил на полицајците местото каде што го закопал телото. Околу причините за убиството, тој наводно изјавил дека со хаздајката се скарале околу состојбата во станот.
Според информациите од грчките медиуми, станува збор за 43-годишниот М.Л. кој поседува македонски пасош. Тој повеќе години живеел и работел на Крит и досега немал никакво криминално досие.
Овој случај во изминатата седмица беше една од главните теми во Грција и ја шокираше тамошната јавност. Она што предизвика дополнително згрозување е фактот што сторителот, иако беше еден од главните осомничени, не само што пред полицијата негираше вина, туку и слободно даваше изјави за медиумите. Во своите телевизиски настапи, тој самоуверено ги пренесуваше своите ставови и се обидуваше да ја префрли вината врз други лица, додека цело време знаел каде е телото на несреќната жена.
Скопје конечно добива три јавни тоалети: Локациите се познати, но не и датумот
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

