19 јули 2026
• од Темелко Тошев
Расте бројот на заболени граѓани во Гостивар, а надлежните институции се во целосна мобилизација. До Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) до денес се пријавени вкупно 140 лица со симптоми на заразна болест, со што е забележан пораст преку АЛЕРТ системот и е надминат прагот на неделно ниво за гостиварската територија. Поради ваквата состојба, Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Тетово во текот на денот треба да донесе одлука за евентуално прогласување на епидемија.
Ова денеска го истакна д-р Драган Кочински, раководител на одделот „Епидемиологија на заразни заболувања“ при ИЈЗ, посочувајќи дека дел од заболените се веќе анкетирани, додека останатите во моментов се анкетираат од страна на епидемиолози од Гостивар и ИЈЗ.
Подобра координација со прогласување епидемија
„Ние сме во комуникација со ЦЈЗ Тетово и во текот на денешниот ден ќе се донесе соодветна одлука за пријавување епидемија на заразна болест. Мерките за контрола и превенција цело време се спроведуваат од сите надлежни институции, а пријавувањето на епидемија би значело подобра комуникација и координација на сите чинители“, истакна д-р Кочински.
Институтот за јавно здравје е во постојана координација со ЦЈЗ Тетово и ПЕ Гостивар, Министерството за здравство, Јавното обвинителство и МВР.
Анализите се при крај, локацијата во Вруток е под полициско обезбедување
По добиено барање од Јавното обвинителство, екипи на ИЈЗ веднаш излегле на терен и зеле примероци за микробиолошки и физичко-хемиски анализи на водата.
„По враќањето на екипата, во раните утрински часови во петокот, веднаш се отпочна постапката за анализа на примероците. Со цел тие да бидат изработени стручно и навремено, стручни лица од Институтот работеа и викендов. Резултатите утре ќе бидат доставени до Јавното обвинителство за натамошно постапување“, појасни Кочински.
Од Основното јавно обвинителство Гостивар информираат дека се во постојана координација со ИЈЗ и дека штом пристигнат резултатите, ќе се донесе одлука за понатамошниот тек на постапката, за што јавноста ќе биде навремено известена. Во меѓувреме, по наредба на јавен обвинител, локацијата во Вруток и натаму е обезбедена.
Забраната за водата останува на сила
Надлежните апелираат граѓаните строго да ги почитуваат препораките за превенција на заболувања кои се пренесуваат преку вода.
Да потсетиме, по појавата на зголемен број граѓани кои се жалеа на стомачни тегоби, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на 17 јули издаде забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот градски водовод, поради основано сомнение дека истата е загадена и небезбедна. Забраната останува на сила сè до добивањето на официјално известување дека водата е повторно безбедна за употреба.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

