19 јули 2026
• од Темелко Тошев
Советничката во Советот на Град Скопје, Катерина Цаневска, упати остра критика и доза на иронија по повод поставувањето, а потоа и експресното отстранување на контроверзниот билборд на влезот во главниот град.
Билбордот со натпис „Добредојдовте во Скопје“, кој беше генериран со помош на вештачка интелигенција и на кој се најде приказ на коњот Букефал со дури пет нозе, предизвика бура од реакции во јавноста. Според Цаневска, овој обид за нова визит-карта на градот, очекувано, неславно пропаднал.
„Билбордот кој требаше да биде нашата нова визит-карта, заврши онаму каде што припаѓаат сите вакви ‘ремек-дела’ – на буниште. Толку од првото дело од ‘Скопје 2026’. И тоа само неколку дена откако го видовме Букефал како самоуверено чекори на пет нозе, веројатно за да биде постабилен,“ истакна Цаневска во својата реакција.
Цаневска не штедеше зборови за небрежноста на градската администрација, посочувајќи дека ваквиот пропуст е одраз на недостатокот на визија и контрола.
Она што најмногу загрижува, според советничката, не е само лошиот дизајн, туку фактот што за него се потрошени јавни средства, а никој од надлежните не извршил ниту основна проверка пред истиот да се испечати и постави.
„Најтажно во целата приказна не е што некој платил наши пари за ‘дизајн’ од рангот на првоодделенец, тажно е што никој не се ни потруди да погледне што е испечатено пред да се крене на билборд. Но, зошто да се заморуваме со факти, кога можеме да им веруваме на алгоритмите и веднаш да се искористи за ПР,“ додава таа.
На крајот од својата опсервација, Цаневска низ сарказам заклучува дека билбордот, колку и да бил погрешен, всушност претставува совршена метафора за моменталната состојба на главниот град.
„Сепак, да бидеме фер: билбордот беше најточниот приказ на Скопје досега. Искривен, нелогичен, измислен и целосно отсечен од реалноста. Барем да ни биде ова добра лекција.“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

