20 јули 2026
• од Гоце Кически
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска упати остри критики кон надлежните институции за, како што велат, крајно задоцнетата реакција во справувањето со епидемијата на гастроентеритис во Гостивар, поради која речиси 2.000 граѓани завршија во болниците со симптоми на труење.
Од опозициската партија обвинуваат дека надлежните имале рани предупредувачки сигнали за небезбедна вода за пиење, но дозволиле ситуацијата да ескалира.
„Епидемијата на гастроентеритис во Гостивар не избувна преку ноќ. Таа се развиваше со денови пред очите на надлежните институции. Она што започна со поединечни случаи, брзо прерасна во стотици заболени дневно. Институциите уште во раната фаза имале информации и сомнежи за небезбедноста на водата и за невообичаеното зголемување на бројот на пациенти“, информираат од СДСМ.
Како еден од најшокантните детали во целиот случај, од партијата го посочуваат откритието од надзорот кој утврдил дека во главниот цевковод на диво била поставена пумпа. Оваа пумпа, без никакво одобрение, вбризгувала вода директно од реката Вардар во градскиот водоводен систем.
И покрај ваквите фрапантни наоди, од СДСМ потенцираат дека институциите прогласиле епидемија дури кога здравствениот систем во градот бил пред колапс.
„Ова не е само технички или административен пропуст. Ова е прашање на политичка одговорност. Институциите имаа должност да реагираат брзо и одлучно уште кога се појавија првите сигнали. Наместо тоа, чекаа ситуацијата да ескалира“, стои во партиското соопштение.
СДСМ бара итна одговорност и ставање крај на, како што велат, празните фрази и изговори од страна на власта. Од таму децидно порачуваат дека кога станува збор за сериозен ризик по здравјето на граѓаните, мерки мора да се преземаат веднаш.
„Не можеме повеќе да слушаме празни изјави од типот: 'Многу скоро ќе се излезе со информација', 'За неколку дена сè ќе биде познато', а потоа да се преправаме дека сме 'шокирани' од тоа како е можно ова да се случило. Граѓаните на Гостивар заслужуваат одговори: зошто се чекаше толку долго и кој ќе сноси одговорност за тоа што предупредувачките сигнали не беа препознаени и пресретнати навреме“, заклучуваат од опозициската партија.
Случајот во Гостивар отвори сериозни прашања за безбедноста на водоводните системи и брзината со која државниот апарат реагира во услови на колективна здравствена закана.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

