20 јули 2026
• од Гоце Кически
Имињата на улиците и плоштадите во Тетово предизвикаа сериозни политички превирања и судири меѓу албанските партии. Додека албанската опозиција инсистира плоштадите и одредени улици да носат имиња на албански патриоти како Мујдин Алиу, Мехмет Гега, Рафи Халили, а градскиот плоштад да се вика „Илирија“, актуелната локална власт предводена од Билал Касами излезе со поинакви предлози.
Според пишувањата на порталот ТС, партијата на Касами предложила „понеутрални“ имиња кои не би ја иритирале македонската страна, како Наим Фрашери, Сами Фрашери, Исмаил Кадаре, како и улици со имиња на европски метрополи – Париз, Лондон, Брисел. Ваквиот потег на Касами се толкува како обид да не се налути коалициониот партнер ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи предлозите со имиња на контроверзни албански дејци тешко би поминале на гласање во Советот.
Во екот на овие внатреалбански политички препукувања, познатиот историчар Нури Беџети излезе со „бомбастичен“ и за многумина шокантен предлог за името на тетовскиот плоштад.
Според Беџети, Тетово треба да му подигне споменик на Владо Черноземски – историска фигура и атентатор на ВМРО.
Гостувајќи во телевизиско интервју, историчарот објасни дека наспроти конфликтот меѓу македонската елита која претпочита комунистички имиња (како Маршал Тито) и албанската која бара чисто албански имиња (како Илирија), компромисното решение треба да се бара во историска фигура која ѝ задала сериозен удар на Србија.
„Јас мислам дека името треба да биде на еден познат бугарски војвода, Владо Черноземски. Тој, заедно со Анте Павелиќ, во 1934 година во Марсеј, Франција, го уби српскиот (југословенскиот) крал Александар. За да стане Македонија независна, дали тој го уби кралот на Србија? Да! Па зошто тогаш да не го чествуваме?“ – изјави Беџети.
За да го аргументира својот став, Беџети направи паралела помеѓу качачкото движење во Косово и Марсејскиот атентат организиран од тогашната ВМРО.
„Значи, зборуваме за истото време, времето на Азем Бејта. Максимумот што го направија качаците во Косово беше убиство на еден жандарм. Нели е така? Додека овие од ВМРО, кои сега владеат со Македонија, го убија кралот на Србија. Затоа Тетово како град, како 'папок' на Албанците, треба да го чествува Владо Черноземски со споменик. Со тоа ќе им ставиме до знаење дека Македонија е независна држава, дека нема ништо со Србија. Тоа се впрочем и идеалите на ВМРО“, потенцираше Беџети во интервјуто.
Во меѓувреме, процесот за промена на имињата на улиците во Тетово е привремено стопиран. Албанските опозициски партии преку протести ги блокираа намерите на градоначалникот Билал Касами и мнозинството во Советот на Општина Тетово.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

