12 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Механизмот „Балансер“ со години се злоупотребувал на директна штета на Албанците, создавајќи фиктивна реалност и лажни статистики за нивната застапеност во државните институции, обвини денеска Газменд Алиу од коалицијата ВЛЕН.
На денешната прес-конференција, Алиу зборуваше за сериозен системски проблем кој, според него, долго време се криел зад официјалните извештаи, а во пракса директно му наштетувал на правото на Албанците за правична и соодветна застапеност во администрацијата.
Тој посочи дека на граѓаните со години им се продавала илузијата оти „Балансерот“ гарантира правичност, но фактите на терен ја покажуваат суровата реалност на злоупотребата на овој механизам. Како еклатантен пример ја посочи институцијата со која тој раководи.
„Во институцијата со која раководам, според официјалната евиденција, Албанците се застапени со 29 проценти. Но, по извршените проверки, се покажа дека само 13 проценти од вработените се Албанци. Разликата од 16 проценти ја сочинуваат лица кои во постапките за вработување се изјасниле како Албанци, додека во реалноста припаѓаат на други етнички заедници. Ова не е правична застапеност. Ова е злоупотреба на механизам кој требало да обезбеди правична застапеност, а особено застапеност на Албанците“, изјави Алиу.
Овој случај јасно покажува дека реалната застапеност на Албанците била далеку пониска од онаа што се прикажувала во документите. Она што на хартија изгледало како исполнување на квотите, всушност било резултат на лажно етничко изјаснување при вработувањето.
Алиу упати и остри критики до оние кои во минатото управувале со државните институции, обвинувајќи ги за лицемерие.
„Нема да прифатиме денес да се леат крокодилски солзи за механизам кој бил злоупотребуван токму на штета на Албанците. Оние кои со години управуваа со овој систем, а денес се претставуваат како заштитници на правата на Албанците, треба да понесат одговорност за тоа како било дозволено етничката застапеност да се манипулира и да се создава фиктивна реалност на хартија, додека фактичката состојба била сосема поинаква“, додаде тој.
За да се стави крај на ваквите административни манипулации, од коалицијата ВЛЕН инсистираат на итно донесување на нов Закон за соодветна и правична застапеност.
„Само законско решение, со јасни механизми за контрола и одговорност, може да гарантира дека застапеноста ќе биде реална, а не фиктивна; правична, а не предмет на манипулации. Времето на лажните статистики заврши. ВЛЕН останува посветен на изградба на систем кој гарантира еднаквост, правда и достоинство за сите“, заклучи Алиу на прес-конференцијата.
Нови мерки против пожарите: Од 1 јули се забранува движење во шума без дозвола
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

