11 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Бугарскиот активист од Велес, Драги Каров, доби условна затворска казна поради објави на социјалната мрежа Фејсбук, објави бугарскиот портал труд.бг.
Според информациите што ги пренесува порталот, Каров е осуден на една година лишување од слобода со тригодишен изборен (условен) рок. Обвинението против него е покренато за „ширење расистички и ксенофобични материјали преку компјутерски систем“, согласно член 394-г од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.
Главниот сведок во судскиот процес бил дoлгогодишниот новинар и директор на телевизија „Канал 5“, Иван Мирчевски. Бугарскиот медиум пренесува реакции од тамошните здруженија кои, во своја одбрана, тврдат дека самиот Мирчевски во минатото користел навредлив јазик кон Бугарите, нарекувајќи ги „татарстанци“ и „вулгаристанци“.
Димитар Панчев, основач на здружението „Куберов воин“ и роднина на писателот Димитар Талев, за бугарскиот портал изјавил дека е сериозно загрижен за здравствената состојба на Каров.
„Исклучително сум загрижен за Драги, бидејќи човекот има здравствени проблеми со многу тешка дијагноза. Пресуда за пишување на Фејсбук е недопустлива!“ – истакнал Панчев за „Труд news“.
Тој додал дека адвокатите на одбраната реагирале оти во процесот недостасувала јасна анализа кои точно изрази претставуваат „расизам и ксенофобија“, но судовите сепак ја потврдиле казната. Панчев смета дека ова е доказ за селективна правда во Северна Македонија, обвинувајќи дека антибугарската реторика во земјава останува неказнета, додека претставниците на бугарската заедница завршуваат на обвинителна клупа. За овој случај, тој лично ја известил бугарската потпретседателка Илијана Јотова уште во мај 2025 година.
Според пишувањата на порталот труд.бг, кривичниот процес против Каров започнал откако тој на Фејсбук страницата на телевизијата „Канал 5“ оставил коментар полн со навреди и вулгарности кон раководството и телевизијата:
„Вија сте србомани или србски колонисти и се гледа од вашиот лик дека сте педери... вија сте колонисти во РСМ и вија ширете омразата со вашиот газда удбаш и кодош Борис Стојменов и неговиот син Емил Стојменов... вистината нека не ве навредува србомански у удбашки слуги... вија сте слуги на србоманските политичари во РСМ или по ваше колонисти јужна бановина на гнасни непријатели на Македонија.“
Драги Каров одамна и е познат на македонската јавност, но и на надлежните институции. Бугарскиот медиум потсетува дека во март 2008 година, тој во дворот на својата куќа во Велес подигна споменик на Тодор Александров и постави бугарско знаме,. Две години подоцна, во февруари 2010 година, Каров во својот двор откри и биста на историски лик Иван Михајлов.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

