12 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Коцкањето претставува сериозен здравствен ризик, а превенцијата е најефективната терапија во борбата против оваа зависност. Ова е главната порака која ја упати министерот за здравство, Азир Алиу, во своето најново видео-обраќање, изразувајќи силна поддршка за новите законски решенија за игрите на среќа.
Министерот Алиу јавно го поддржа Предлог-законот за игри на среќа и забавни игри, кој веќе го помина првото читање во Собранието, потенцирајќи дека оваа појава не смее повеќе да се третира како наивна забава, особено кога преминува во зависност која уништува поединци и семејства.
„Не може да зборуваме за коцкањето дека е забава, кога истото станува навика и зависност. Кога влегува во семејството како долг, стрес, вознемирување и кога подмолно се вгнездува во животот на младите уште пред да созреат. Како министер за здравство, имам обврска да кажам дека зависноста е здравствен ризик, а најефективната терапија за неа е превенцијата“, дециден е министерот Алиу.
Битка за менталното здравје и иднината на децата
Во своето обраќање, тој упати силен апел за поддршка на законските решенија кои директно целат кон ограничување на влијанието на коцкањето врз младите генерации, вклучително и оддалечувањето на објектите од образовните институции и намалувањето на агресивниот маркетинг.
„Затоа ја поддржувам секоја законска мерка што ќе ги тргне кладилниците и коцкарниците подалеку од училиштата и што ќе го намали рекламниот притисок врз младите. Ова е битка за менталното здравје, за семејствата и за иднината на децата. Вреди да поставиме граници“, нагласи Алиу.
Предлог-законот за игри на среќа и забавни игри има за цел да воведе значително построги правила за функционирање на оваа дејност во државата. Главниот фокус на предложените измени е ставен токму на системската заштита на младите и минимизирањето на ризиците од ширење на оваа зависност.
Нови мерки против пожарите: Од 1 јули се забранува движење во шума без дозвола
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

