19 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Фразата дека „секој народ ја пишува својата историја“ не треба да се сфати дословно, предупредува првиот министер за надворешни работи, Денко Малески. Во својата најнова колумна тој прави остра паралела меѓу историските спорови со Грција и со Бугарија, посочувајќи дека Европа и во двата случаи застанува зад своите членки – не само поради политичко сојузништво, туку и поради фактите.
Во анализата насловена „Македонски парадокс: иднината ни е извесна, неизвесно ни е минатото“, објавена на порталот „Либертас“, Малески ги лоцира клучните слабости во македонскиот пристап кон решавањето на спорот со источниот сосед.
Малески истакнува еден суштински парадокс во македонската надворешна политика и односот кон минатото. Додека со јужниот сосед ситуацијата беше обратна – Грција упорно нѐ бркаше надвор од својата историска „територија“ кон која ние се туркавме (антиката) – денес со Бугарија се случува сосема спротивното.
Според него, македонската страна свесно бега од она што Европската Унија јасно го препорачува како решение преку „францускиот предлог“ и фамозниот втор протокол.
„Преку дебата треба да дојдеме до решение во вид на историска интерпретација која се темели врз објективни, автентични и докажани историски извори и документи. Но, тоа не е можно зашто нашите историчари во Заедничката историска комисија и актуелното политичко раководство едноставно одбиваат да дебатираат за нешто што тие велат дека не постои: заедничка историја,“ дециден е Малески.
Колумната потсетува на цврстиот став на Европскиот парламент кој го прифати бугарскиот амандман. Европските институции силно ја поттикнуваат Заедничката мултидисциплинарна комисија да испорача јасни и опипливи резултати. Барањето на ЕУ е недвосмислено: текстовите мора да ја одразуваат интерпретацијата на фактите од заедничката историја, базирана исклучиво врз објективни и автентични документи.
Малески предупредува дека ова е уште еден непобитен доказ дека ЕУ цврсто застанува зад Бугарија. Исто онака како што Унијата застана зад грчката интерпретација на античкото минато, така денес застанува зад бугарското толкување на заедничкото минато со Македонците.
На прашањето дали ваквиот став на Унијата се должи само на „железниот закон“ на меѓународната политика – дека сојузите се формираат за да ги штитат сопствените членки – Малески дава отрезнувачки одговор.
Тој смета дека сојузништвото е само делумна причина. Главната причина е фактот што на Европа вистината ѝ е важна.
Земјите-членки на Унијата одлучно застанаа зад Бугарија околу темата за заедничко минато бидејќи и тие имаат свои врвни историчари кои ги советуваат нивните политичари за случувањата на Балканот. Овој круцијален факт, заклучува Малески, мора конечно да го разберат и нашите политичари и нашите историчари доколку сакаат државата да оди напред.
Османи: Црн ден за Албанците, Тито се врати во Тетово со помош на Билал Касами
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

