07 август 2026
• од Темелко Тошев
Српскиот претседател Александар Вучиќ предизвика реакции во македонската јавност откако во својот најнов говор Скопје го стави на мапата на места во кои делува и постои Српската православна црква (СПЦ).
За време на комеморативниот собир во Мркоњиќ Град по повод годишнината од акцијата „Олуја“, Вучиќ зборуваше за состојбите во црквата, критикувајќи ги „полицентричните идеи“ за нејзино федерализирање и конфедерализирање. Според него, таквите идеи се „смрт за српскиот народ и смрт за српската црква“.
Она што е особено спорно за македонската јавност е неговото набројување на градови во кои, според него, Српската црква е една и неделива.
„Црквата е иста и во Мркоњиќ, Пирот, Сиднеј, Скопје, Франкфурт, Мелбурн и на секое друго место во светот“, изјави Вучиќ, потенцирајќи дека ваквиот став го делел и со покојниот патријарх Иринеј.
Вучиќ во својот говор потсети и на литиите во Црна Гора во 2020 година, обвинувајќи дека тогаш некои сакале да создадат Православна црква во Црна Гора само за да се избрише префиксот „српска“.
Останува нејасно на која точно црква во Скопје мислеше српскиот претседател кога ја изедначи со СПЦ, со оглед на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и признавањето на нејзиниот статус. Дали и како МПЦ-ОА ќе реагира на оваа провокативна изјава и дали ќе побара официјално објаснување, останува да се види во деновите што следат.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

