06 август 2026
• од Гоце Кически
Израелската армија соопшти дека ќе продолжи со воените операции во Појасот Газа, откако премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел не го прифатил американскиот предлог за прекин на конфликтот и повлекување на израелските сили.
Началникот на Генералштабот на израелската армија, Ејал Замир, по обиколка на воените позиции во Газа изјави дека Хамас е значително ослабен, но дека операциите ќе продолжат со цел отстранување на заканите и заштита на израелските населени места.
„Во Појасот Газа му нанесовме сериозен удар на Хамас и ја променивме безбедносната состојба. Израелските одбранбени сили ќе продолжат да дејствуваат проактивно за да ги елиминираат заканите и да ја гарантираат безбедноста на граѓаните“, рече Замир.
Неговата изјава следува откако Нетанјаху потврди дека Израел не се согласил со нацрт-предлогот поддржан од САД. Според него, американската администрација верува дека може да обезбеди разоружување на Хамас, но Израел испратил свои забелешки на предложениот текст.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела соопшти дека неговиот мировен тим постигнал „историски“ договор за целосно разоружување на Хамас и другите вооружени групи во Газа. Планот предвидува повлекување на израелските сили, формирање нова палестинска власт и распоредување меѓународни стабилизациски сили кои би помогнале во управувањето со територијата.
Аналитичари оценуваат дека успехот на ваков договор ќе зависи од силната поддршка на меѓународните посредници, особено Египет и Катар, како и од подготвеноста на двете страни да ги исполнат преземените обврски.
Војната меѓу Израел и Хамас започна по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, кога беа убиени повеќе од 1.200 луѓе, а 251 лице беа земени како заложници и однесени во Газа.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

