06 август 2026
• од Тодор Вангелов
Онколошките пациенти денес ќе одржат протест пред Министерството за здравство, револтирани од повторниот недостиг на лекови на Клиниката за онкологија. Велат дека честите прекини во снабдувањето со терапија ги оставаат во неизвесност и директно влијаат врз нивното лекување.
Поради високите температури, на протестот ќе присуствуваат само неколку пациентки, кои во име на сите заболени ќе побараат итно решение за проблемот со недостапната терапија.
Ана Марјановиќ од здружението „Хема-Онко“, која и самата е онколошка пациентка, вели дека од мај, кога стапил во сила новиот буџет, веќе трипати недостигале одредени лекови на Клиниката за онкологија.
„Овојпат не недостига само биолошка терапија, туку и цитостатици и лекови што се на позитивната листа. Овие прекини се повторуваат речиси секој месец или на секои два месеца и претставуваат сериозен проблем за пациентите“, изјави Марјановиќ за ТВ24.
Во изминатите денови и голем број пациенти преку социјалните мрежи предупредија дека биле вратени од Клиниката без да ја примат закажаната терапија. Пациентите кои доаѓаат од другите градови велат дека пред секое патување се принудени телефонски да проверуваат дали воопшто има достапни лекови.
Недостигот на онколошка терапија со години е еден од најголемите проблеми во здравствениот систем. Покрај нередовното снабдување со лекови, пациентите континуирано алармираат и за пренатрупаноста на Клиниката за онкологија, несоодветните услови за лекување и доцнењата во превентивните скрининг-програми.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

