06 август 2026
• од Темелко Тошев
Лидерот на СДСМ обвини дека физичкиот напад е обид за замолчување на критиките за загадената вода во Гостивар и побара одговорност од МВР и Обвинителството.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска од Ново Село упати остри критики до актуелната власт, обвинувајќи за физички напад врз млади лица кој се случил изминатата ноќ. Според лидерот на опозицијата, инцидентот е дело на лица блиски до владејачката партија, а мотивот е брутален обид да се прикрие вистината за еколошките проблеми во државата.
Филипче истакна дека медиумскиот притисок преминал во насилство, директно насочено кон оние кои јавно проговориле за проблемот со квалитетот на водата.
„Беа нападнати млади деца кои само ја говореа вистината – дека водата во Гостивар и во половина држава е загадена и не е за пиење. Кога веќе медиумскиот линч на организираната криминална група не помага, тие физички се пресметаа со децата на Ново село, со децата на Македонија,“ изјави Филипче на денешната прес-конференција.
Тој директно ги посочи активистите на ВМРО-ДПМНЕ како одговорни за инцидентот и побара итно расветлување на случајот од страна на надлежните органи. Опозицијата категорично бара Министерството за внатрешни работи (МВР) и Јавното обвинителство веднаш да отворат истрага и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата.
Испраќајќи силна порака на солидарност до нападнатите, Филипче нагласи дека тие не се сами и дека овој настан е јасен показател за паниката во редовите на власта.
„Ова е знак дека власта е исплашена. Исплашена е заради тоа што излегува вистината за загадената вода, за економијата, за Европа, и за тоа дека сега сме слепо црево на Европа. Ако ова е порака дека секој кој мисли различно ќе биде замолчен и физички нападнат, упатувам јасна порака – нема да им успее,“ порача тој.
На крајот од своето обраќање, лидерот на СДСМ нагласи дека „доаѓа време на правда и вистина“ и порача дека сите што направиле криминал, а особено оние кои посегнале по младите, неминовно ќе одговараат.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

